Гитаристот Дарко Багески во недела, 20 септември, ќе настапи во Тајпеј во организација на Taipei Genesis Guitar Orchestra, што ќе биде премиерен концерт на македонски класичен гитарист во Азија. Настапот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Багески ќе изведе дела од Џулијани, Пјацола, Бариос, Мерц, Јовичиќ, Мирослав Тадиќ, Реис… а покрај концертот ќе одржи и неколку мастерклас-предавања пред студенти и професори на Музичката академија во тајванскиот главен град.
Багески (1981) е вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје, одржува мастеркласи на меѓународни фестивали и натпревари и често е член во жиријата.
Музичкото образование го почнал во Скопје, матурирал во средно музичко училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Магистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун. Се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара, како: Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис…
Имал голем број солистички концерти во Македонија, Хрватска, Србија, Германија, Грција, САД, Шведска…, настапувајќи како солист со камерни оркестри и со Македонската филхармонија.