Првиот македонски електронски неделник за култура „Репер“ во новиот, трет број кој ќе биде објавен утре, ќе почне кампања за поддршка на македонските занаетчии, актуализирање и популаризација на мноштво стари занаети кои се клучни за традицијата на македонсиот еснаф.
– Како редакција на списание кое ја промовира и поддржува креативноста во македонската културна средина, соочувајќи се со фактот дека поради продорот на дигитализација и другите сегменти на современото живеење на мноштво стари занаети им се заканува изумирање, „Репер“ започнува кампања со која не само што ќе се поддржат македонските занаетчии, туку ќе се направи и обид за реактуализација на некои традиционални македонски вредности сврзани со креативноста и убавото, информира „Репер“.
Целта на списанието е македонските занаети да ги промовира пред помладите генерации кои, посочува редакцијата, за жал, многу малку се запознати со смислата и вредностите на голем број занаети.
Кампањата на „Репер“ ќе се состои во објавување текстови во кои ќе бидат претставени занаетите што ги има во македонските чаршии и пренесување на ставовите на занаетчиите кои работат во Старата скопска чаршија, како и нивните животни приказни. Во утрешниот број на неделникот ќе биде објавен текст посветен на филигранството.