Изложбата „Експериментален цртеж“ која шеста година по ред ја организира Друштвото на ликовни уметници на Македонија оваа година ќе се оддржи на 15 септември во Палата Луцерна во Прага.
Претседателот на Друштвото на ликовни уметници на Македонија Сергеј Дамовски денеска на прес-конференција информираше дека на изложбата, со своите дела ќе се претстават 62 ликовни автори членови на Друштвото.
– Самата изложба е всушност еден микс на техники кои што се поврзани со цртежот и поврзани со другите ликовни изрази на некој начин, преку скулптурата, сликарството, графиката… Тоа на некој начин е сублимат или сопствен идентитет на уметниците да се претстават со едно свое видување на употреба на самиот цртеж, истакна Дамовски.
Појасни дека основниот акцент на проектот „Експериментален цртеж“ е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини.
Изложба е поддржана од Министерство за култура на Македонија.