Храмот на италијанската опера „Сан Карло“ со омаж за Карузо во МНТ

Од:

Традиционални наполитански песни кои го прославија тенорот од светски глас Енрико Карузо и арии од познати опери, ќе има можност да слушне македонска публика вечер во МНТ, на концертот на театарот „Сан Карло“ од Неапол. Настапот е во рамки на второто издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, ансамблот ќе се претстави во нетипичен состав за кој аранжманите се специјално направени. Ариите ќе ги изведат тројцата тенори Џузепе Валентино, Микеле Мадалони, Луиџи Страцуло.

– „Сан Карло“, храмот на италијанската опера, брои 200 уметници, но вечер гостуваат само некои од нив. Концертот е во два дела, првиот посветен на познатите оперски арии како „Кармен“, „Риголето“, „Аида“, „Тоска“, „Кавалериа Рустикана“ и Мадам Батрфлај“, а вториот на наполитански песни кои го прославија Карузо, информира директорката на „Сан Карло“ Росана Пурчиа.

Воодушевена од Македонија, Пурчиа нагласи дека само неколку часа по пристигнувањето тука, секој може да ги почувствува културата, историјата и традицијата на земјата.

Според амбасадорот на Италија во Македонија Ернесто Масимино Белели, вистинско чудо е што директорот на „Џифони искуство“, Клаудио Губитози, успеа да го донесе „Сан Карло“ во Скопје.

– Кога минатата година зборувавме за проектите и официјалната програма од културата, предложивме „Џифони“ да биде еден од нив, а Губитози рече дека ќе го донесе „Сан Карло“ што се чинеше невозможно, Но, навистина тоа се случи, истакна Белели, додавајќи дека уметноста е универзален јазик за комуникација, најдобар начин за поврзување на луѓето, особено младите. Токму „Џифони“, подвлече, е доказ за блискоста меѓу Македонија и Италија.

И советникот за култура во регионот Кампанија Катерина Мирања, го потенцира значењето на „Џифони“. Благодарение на соработката што ја негува фестивалот, „Сан карло“ денеска е тука. – кампанија работи на платформа чија цел е обединување на сите институции во културата, рече Мирања.

„Сан Карло“, најстарата опера во Европа, континуирано работи од 4-ти ноември 1737 година до денес. Ја отвори бурбонскиот крал Чарлс VII со операта „Achille in Sciro” од Пјетро Метастазио. По пожарот во 1816 и бомбардирањето во Втората светска војна, успева да преживее и да застане на темелите, благодарејќи на Антонио Николини (1816 година) и Питер Францис (1943 година). Неаполската школа за опера во овој театар вклучувала оперски претстави од реномирани италијански композитори како Feo, Porpora, Traetta, Piccini, Vinci, Anfossi, Zingarelli,…, и странски композитори како Hasse, Haydn, Bach и Gluck. Денес вклучува опера, танц, музички концерти, балет, театарски претстави. Сезоната за опера е од јануари до мај, а балетската од април до јуни.

Енрико Карузо, пак, најголемиот неаполски и светски тенор, е се уште актуелен иако од неговото раѓање се поминати преку 130 години. И по еден век тој претставува модел за секој млад оперски пејач или кој било славен тенор.

Гостувањето на „Сан Карло“, како и одржувањето на „Џифони Македонија“, е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Парите од роденденските претстави на МНТ ќе одат за лекување на Леонид

Во МНТ почнаа пробите за најновата претставата „Хенгинг Араунд“

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

МНТ со претставата „Народен непријател” гостува во Србија

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

МНТ со две претстави на два интернационални фестивали во Републиката

Катерина Ѓуровски