Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ од Битола денес и утре гостува во бугарскиот град Дупница, каде се одржува 10. Меѓународен фестивал на хорови „Свети Иван Рилски“.
Според програмата, мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ ќе одржи два концерти, на две различни локации во Дупница.
– Првиот концерт ќе го одржиме вечер од 18 часот во салата на општинскиот народен театар „Невена Коканова“ и за публиката ќе понудиме македонска и музика на современи странски автори, а на вториот концерт кој ќе се одржи утре во Рилски Манастир, на барање на домаќините ќе приредиме концерт на духовна музика, истакна диригентот на хоровите на КУД „Стив Наумов“ – Битола, Љубомир Трифуновски.
За време на фестивалот во Дупница ќе се одржи тематска тркалезна маса на која раководителите на хоровите од странство ќе дебатираат за развојот на хорското пеење, отворање школи за откривање таленти за пеење во хор, вмрежувања на хорови и уметнички друштва од Европа и Балканот.