Во текот на следната седмица, поточно од 28 септември до 3 октомври, ќе се одржи Фестивалот на комедијата „Гола месечина“, кој е во заедничка продукција на НУ Театар Комедија и на Општина Аеродром.
„Фестивалот на комедијата годинава се одржува малку подоцна, на поинаква локација и со малку подизменет концепт. Мора да истакнеме дека долго анализиравме дали воопшто да се одржи годинашново издание на Фестивалот или да се одложи за следната година. Сепак, одлучивме да го одржиме, но да е од ревијален карактер, со тоа што годинава ќе изостанат претставите од соседството, а целосниот фокус ќе биде ставен врз македонската продукција на комедии. И локацијата на одржување на Фестивалот е сменета, бидејќи така налагаат протоколите, па овој пат тој ќе се одржува на фудбалското игралиште покрај детската градинка „Сонце“ во Реонски центар Аеродром.
– Подготовките за овогодишното издание веќе привршуваат, а програмата на Фестивалот ќе биде објавена кон крајот на оваа седмица. Целата органзација и реализација се одвива во рамките на протоколите кои се одобрени од страна на Комисијата за заразни болести за организација на настани на отворено. Ќе бидат запазени сите мерки за безбедно следење на Фестивалот од публиката, како и за безбедноста на сите учесници. Задолжително ќе биде носењето заштитни маски, столчињата на кои ќе седи публиката ќе бидат распоредени на соодветно растојание, а ќе бидат спроведени и сите други мерки кои се во согласност со протоколите за одржување настани на отворено. Сите претстави ќе почнуваат во 20 часот, а вратите за влез на публика ќе бидат отворени од 19 часот. Како што споменавме, во текот на оваа седмица ќе ја објавиме целосната програма на Фестивалот, како и протоколот“, истакнуваат од управата на Театар Комедија.