На двете сцени во Театар Комедија паралелно се подготвуваат две нови премиери. Првата премиера ,,На отворено” се спрема на малата сцена, во режија на Андреј Цветановски. Костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценографијата е на Сергеј Светозарев, а музиката на Димитар Андоновски. Во оваа претстава играат: Атанас Атанасовски, Тино Костадиновски, Сергеј Димовски и Тони Денковски. Премиерата е закажана на 25 април во 20 часот.
Втората претстава е во подготовки на големата сцена на Театар Комедија и е насловена ,,Жени пред нервен слом”, според текстот (филмот) на Педро Алмодовар ,,Жени на работ на нервен слом”, а во режија на познатиот хрватски режисер Иван Лео Лемо. Костимограф е Мирјана Загорец, сценограф Весна Режиќ, музиката е на Звонимир Дуспер, а кореографијата му е доверена на извонредниот кореограф Лео Мујиќ.
Во оваа претстава, која се најавува како апсолутен спектакл во Театар Комедија, играат: Марина Поп Панкова, Ева Скендеровска, Жаклина Стевковска, Кристина Ласовска, Миа Кантарџиева, Едмонд Сотир, Жарко Димоски, Тино Костадиновски, Дритон Вејсели, Александар Велјановски, Илија Илиоски и Тони Денковски. Премиерата на ,,Жени пред нервен слом” е закажана за 14 мај.