Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) изразува загриженост од оштетувањето на муралите на уметникот Борко Лазески во опожарената Пошта 1 и бара тие да бидат обновени и вратени во првобитна состојба.
ДЛУМ во допис до медиумите посочува дека Лазески е истакнат уметник, доајен и еден од основоположниците на Друштвото и дека неговите мурали се врвно уметничко дело на ѕидното сликарство во Македонија.
– …Откако ќе се направи проценката на оштетување од страна на надлежните институции, вредните мурали да бидат обновени, реставрирани и вратени во првобитна состојба како врвно уметничко дело на ѕидното сликарство во Македонија. Имајќи предвид дека оригиналните картони, скици и цртежи се сочувани од страна на семејството, укажуваме дека постои реална можност за нивно возобновување во целина, информираше ДЛУМ.
Друштвото подвлекува дека со обноваување на тоа монументално дело ќе се зачува едно од ретките уметнички дела од јавен карактер кое, додава ДЛУМ, со децении непосредно комуницираше со публиката, што воедно беше и заложба на самиот автор.