„Дали архитектурата на Скопје со нешто потенцираше дека главниот град е дел од Европа? Дали успеа да поттикне, љубов и почит и дали постоеше приврзаност кон него? Ако разгледаме подобро ќе видиме граѓани кои секнат нос на улица, нивните миленици вршат нужда на улица, шират омраза кон својот град во секоја прилика кога им се дава шанса….“ вака архитектот Жарко Чаушевски, кој според бројот на добиени проекти на конкурсите за Скопје 2014, може да се смета за автор на „барокниот“ изглед на градот, по долг медиумски молк, во интервју за Фактор, бара слобода на архитектонско изразување.
За таканаречениот „барокен стил“ за кој се залага Чаушевски, професори и архитекти веќе се изјаснија како за непостоечки во архитектурата:
-Навреда е ако ова да го наречеме барок, или некаков квази барок или неокласицизам, бидејќи мислам дека се работи за еден чуден збир на непостоечки стилови и лоша имитација со неточна, непрофесионална интерпретација на стиловите, вели Јасмина Силјановска професор на Архитектонскиот факултет, во документарниот филм „Генетски инжинеринг“.
Чаушевски објаснува дека ГТЦ требало да се претвори во мол, а притоа не споменува ништо за фактот што делото на професорот Живко Поповски е дел од културното наследство.
„ГТЦ со отвореноста не е конкурентен и убаво за Градот Скопје е да дојде до негова реконструкција во затворен мол. Доколку се реконструира во затворен мол, имотот на сопствениците, а со тоа и на државата, ќе порасне. Би напоменал дека не е толку важно дали некој го сака ГТЦ, туку дали купува од ГТЦ, односно дали инвеститорот ќе го насочи својот капитал во ГТЦ или потрошувачот ќе се загледа и замине во друг трговски центар – Мол“, вели архитектот на „барокот“ Чаушевски.
И кога се работи за преобразувањето на зградата на Владата, дело на професорот Петар Муличковски, авторот на „барокната“ фасада не спомнува ништо за тоа, иако во интервујто се жали дека во Македонија не се цени авторскиот труд.
„Зарем фасадата на Владата некој смета дека е цртана по директива на власта? Истата произлегува од моето сфаќање за тоа како треба да изгледа Влада. Сакав да кажам приказна со фасадата. Добро е што се поклопи со мислењето на комисијата. Јавноста не знае колку премрежија претрпе тој објект, за да остане како што го имавме замислено во конкурсниот труд. Тоа ќе го оставиме за второ интерву кое ќе ви го дадам после отварањето на новата фасада на објектот Влада на Република Македонија.“, вели Чаушевски.
Инаку, објаснувајќи ги своите ставови, Чаушевски смета дека современата наука го разбила атеизмот, а материјализмот станал прибежиште на неучените.
Досега ниту еден од објектите на „Скопје 2014“ нема добиено меѓународно признание.