Филмот „Дипан“ на режисерот Жак Одијар, годинашниот добитник на Златната плама во Кан, е прв долгометражен игран филм на индиската актерка Калиесвари Сринивасан, која во својата земја е позната по театарски улоги.
Таа е гостинка на фестивалот „Синедејс“ на кој филмот беше прикажан вчеравечер во Гала-програмата. Тематизира приказна за интегрирање на бегалци од Шри Ланка во Европа за време на Граѓанската војна во таа азиска земја. Насловниот лик (Дипан), кој го игра актерот Јесутхасан Антонитхасан, е припадник на Тамилските тигри, успева да побегне и доаѓа во Франција за да добие азил. Работи како чувар на станбен блок во париско предградие, а во потрагата по подобар живот стекнува ново семејство.
Зборувајќи за соработката со Одијар, Сринивасан денеска на прес-конференција рече дека е тешко да се работи со него, но е многу убаво. – Тој создава постојано, но односот не му е фиксен кон актерите, се е флуидно. Тој сака да сме дел од креативниот процес. Имавме голема слобода и целата работа е заедничка. Филмот е нов медиум за мене, ова беше моја прва улога во долгометражен филм. Имав многу помош од Жак и од главниот актер, но сметам дека искуството во театарот ми помогна да ја создадам улогата, изјави актерката.
По добивањето на Златната палма, рече таа, повеќе ја познаваат во нејзината земја, но не е како што очекуваат луѓето дека телефонот непрекинато ќе и ѕвони за нови понуди за филм.
Поради актуелноста на темата со мигрантите, Сринивасан беше прашана за мислење како Европа се соочува со бегалската криза. Филмот е снимен во предрадие на Париз во кое живеат најголем број доселеници кои се најмалку интегрирани во француското опшстетво.
– Кризата со бегалците не е нова, се случувала отсекогаш во поголемиот дел од светот. И сега велиме дека треба да се соочиме со кризата. Оваа т.н. свесност или реакција на светот, се надевам нема да спласне толку ненадејно како што се појави. Миграции и бегалци имало и во изминатите 20-30 години, поради различни причини – војна, насилства, борба за преживување. Така што, овој феномен не е ненадеен и ако не сопре реакцијата, ако се продолжи со реагирање, може да биде спас за човештвото, рече Сринивасан.
Јесутхасан Антонитхасан, кој го игра Дипан во филмот, исто така беше најавен да гостува на „Синедејс“. Тој вчера допатувал на Скопскиот аеродром, но бил вратен зашто немал виза. Потекнува од Шри Ланка, живее 20-ина години во Париз, но нема француски пасош.
Директорот на МКЦ Златко Стевковски рече дека се обиделе да интервенираат во МВР за дополнително време да ги извадат потребните документи, но не успеале. Рече дека за визата не се разбрале со неговата агентка и дека „Синедејс“ тоа го презема како свој пропуст.
„Дипан“ денеска од 17.30 репризно ќе биде прикажан во кино „Милениум“. Од 20 часот, пак, е „Ирационален човек“ на Вуди Ален кој е распродаден, како и сите филмови на Ален кои беа прикажани на „Синедејс“ во изминатите години.