Музичари од Индија, Шпанија, Јужна Кореја, Турција, Колумбија, Велика Британија, Мароко, Сенегал, Финска, Словенија и од Македонија ќе настапат на 12. издание на ОФФ-Фест што ќе се одржи од 1 до 6 јуни во Скопје. Според програмата, предвидени се шест фестивалски вечери, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.
Годинашното издание на ОФФ-Фест ќе го отвори популарната индиска ситаристка Анушка Шанкар и нејзиниот актуелен рага-фламенко проект „Тraveller“, со кој ја стекна номинацијата за наградата Греми и титулата Најдобар музичар на магазинот „Сонглајнс“.
На втората фестивалска вечер скопјани ќе имаат можност првпат да ја почувствуваат во живо магијата на музиката на турското Таксим трио, а истата вечер ќе настапат и нашите Елена Христова и Горан Трајкоски со својот проект „Bioscopia“.
На 4 јуни ќе настапи првиот состав од Словенија на ОФФ-Фест, бендот Брина, предводен од талентираната и меѓународно етаблирана пејачка Брина Вогелник. На претпоследната вечер, на 5 јуни ќе настапат колумбиските Buena Vista SocialClub, Ondatropica, како и мароканско-сенегалската комбинација Aziz Sahmaoui & University of Gnawa.
ОФФ-Фест 2013 ќе заврши на 6 јуни, со аудио-визуелен перформанс на финскиот виртуоз и револуционер на хармониката Kimmo Pohjonen и со концертот на јужнокореански инструменталисти Tori Ensemble.
Во рамки на ОФФ-Фест, на 3 јуни ќе биде прикажан документарниот филм за Kimmo Pohjonen – „Soundbreaker“. Една вечер подоцна со свој ди-џеј сет ќе се претстави Quantic, во придружба на Frente Cumbiero, заедно познати под името Ondatropica Sound System.
Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации – Универзална сала, салонот на Македонската опера и балет и кино „Фросина“.