На ден пред гласањето за измените во Уставот, се уште „виси“ 2/3 мнозинство. И според премиерот Зоран заев, 80 позитивни пратенички гласови се уште не се обезбедени.
Неизвесна е поддршката на БЕСА. Во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 Билал Касами синоќа беше јасен – од Беса нема зелено светло ако не се исполнат нивните барања.
Двете барања на БЕСА се да нема македонско државјанство кај Албанците и да нема заштита само за македонската дијаспора, туку заштита на дијаспората на Македонија.
Ова е нова стапица за Заев, бидејќи ако ова го прифати, ја губи поддршката на осумте пратеници од новата независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
На гласањето на дневниот ред пратениците на БЕСА беа во салата и гласаа, но објаснуваат дека тоа не значи дека ќе гласаат за уставните амандмани. Се проблематизира и гласот на Лилјана Поповска. Таа вчера беше во салата, но потоа излегла, иако нејзината картичка останала во системот и се води дека не гласала за дневниот ред. Различни се информациите за Поповска. Едни велат дека од здравствени причини отсуствувала, други дека ќе даде поддршка ако има 79 пратеници за гласање, во спротивно ако има поголем број пратеници, ќе се воздржи од гласање. Како нејзина замена, доколку не гласа, се типува на Панчо Минов, кој вчера не ја напушти собраниската сала. А откако претседателот Талат Џафери ја заврши седницата и продолжението го закажа за денеска во 13 часот, во Собранието пристигнал и пратеникот Амди Бајрам.
И денеска траат преговорите за обезбедување минимум 80 гласови. Според најавите утре ќе се гласа за уставните измени кои се во третата и последна фаза: Ќе се гласа за Амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите.
Секој амандман се утврдува со обично мнозинство, потоа се отвора општиот претрес, па претресот по текстови и секој амандман поединечно се гласа со двотретинско мнозинство. Потоа се гласа за сите амандмани заедно со двотретинско мнозинство и на крајот се дебатира и гласа за Уставниот закон, за чие усвојување исто така е потребно двотретинско мнозинство.