Обвинетиот за крвавиот четврток, Горанчо Ангеловски Ќосето, преку неговиот адвокат Драган Пешевски поднел жалба до Апелацискиот суд во Скопје на одлуката на кривичниот суд дека не е опфатен со амнестијата, потврди неговата одбрана за „Макфакс“.
Судијата Сафет Кадрии од скопска Апелација не одговори на телефонскиот повик за да каже дали до судот стигнале и други жалби за одбиените барања за амнестија. Сега судот има рок од 3 дена да одлучи по жалбата на Ќосето.
Петмина обвинети за настаните од 27 април одлучија да не бараат амнестија: Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, дежурниот во оперативниот штаб на МВР, Душко Лазаров, певецот Игор Дурловски, претседателот на македонското патриотско здружение „Пере Тошев“, Јане Ченто и Игор Југ. За нив судењето ќе продолжи на 15 јануари со изнесување на завршните зборови.
За крвавиот четврток беа обвинети вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Meѓу нив обвинети, а амнестирани беа и пратениците Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски.
Васко Маглешов