Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) ја објави работната верзија на Националниот оперативен бродбенд план што може да се погледне на линкот: http://mioa.gov.mk/?q=mk/
Работната верзија на документот, порачуваат од МИОА, ќе биде испратена и до Европската комисија за нивни коментари и забелешки, по што ќе се пристапи кон финализирање на Националниот оперативен бродбенд план.
-За подготовка на овој документ МИОА во почетокот на јануари годинава формира четири работни групи, односно работна група за обезбедување на подобра координација на процесот на мапирање на територијата на РМ со постоечки и планирани идни бродбенд мрежи од операторите, работна група за утврдување на слободни капацитети и нивно идно користење кај постојни електронски комуникациски мрежи и средства изградени со јавни средства, работна група за утврдување мерки и активности потребни за воведување на 5G мобилна технологија и работна група за утврдување предлог мерки за потикнување и зголемување на интересот на граѓаните за користење на бродбенд, велат од МИОА и додаваат дека во работните групи учествуваа преставници од државни органи и тела, регулаторни тела, универзитети, општини, оператори, стопански комори, јавни претпријатија, приватни компании итн.
За подготовка на Националниот оперативен бродбенд план, информираат, беше добиена и TAIEX техничка помош.
-Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија има обврска да ги усогласи националните политики за развој на електронските комуникации со политиките на ЕУ, па во таа насока произлегува обврската за усвојување на Национален оперативен бродбенд план кој ќе биде усогласен со стратешките цели на ЕУ. Во подготовката на Националниот оперативен бродбенд план земени се во предвид препораките и регулативата на ЕУ за развој на следните генерации бродбенд мрежи, препораките за користење на државна помош за развој на бродбендот, стратегијата на ЕУ од 2018 година за проширување со земјите од западен Балкан , извештаите на ЕУ за развој на бродбенд пазарите, извештаите од меѓународни институции за развојот на електронските комуникации во регионот (Светска Банка, итн), извештаите и искуството од земјите членки на ЕУ во користењето на државна помош за развој на бродбендот, итн, посочуваат од МИОА.
Националниот оперативен бродбенд план како наследник на Националната стратегија за развој на следна генерација широкопојасен интернет ги утврдува националните бродбенд таргетите кои треба во идниот период да се достигнат и утврдува мерки и активностите за нивно достигнување.