Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос не остана задоволен од прашање поврзано со Жозе Мурињо за време на пресконференцијата пред финалето на Светското клупско првенство утре.
„Кралскиот“ клуб ќе се соочи со Ал Аин во потрага за трофеј, но новинарите се интересираа и од мислењето на фудбалерот за гласините дека Мурињо може да се врати во Реал, откако на почетокот на неделава беше ослободен од Манчестер Јунајтед.
– Јас не сум оној кој одлучува кој ќе биде тренер на Реал Мадрид. Поминаа 5 години без Мурињо, но продолжуваме да зборуваме за него. На крајот, имаме шанса да освоиме трофеј, но тема на разговор е Мурињо. Ние мора да го почитуваме Солари и тренерите со кои работи. Капитенот не избира кој ќе ја предводи екипата, рече Рамос.
Тој изјави дека „белите“ имаат можност да ја освојат титулата Светски клупски шампиони по трет пат и ништо друго не е важно.
– Нашата желба е да триумфираме и ова ќе биде мојот 20-ти трофеј. 23 се ако ги броиме оние со националниот тим. Никогаш не сум замислувал дека би постигнал такво нешто. Целта е да станам најуспешен играч во историјата на Реал и се надевам дека ќе го постигнам тоа, додаде Шпанецот.