Вложив многу труд и работа во овој предмет и како граѓанин на оваа држава не сум задоволна од донесениот закон за амнестија. Преквалификација на делото нема да има за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата затоа што истата не важи за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Како ќе стигнуваат барањата за амнестија така поединечно ќе се одлучува за истите, рече шефицата на одделението за организиран криминал при Јавното обвинителство на РМ, Вилма Рускоска, која го покрена обвинението за случувањата од 27 април.
– Во законот е предвидено дека судот ја носи одлуката по претходно мислење од јавниот обвинител. Тоа е во ред затоа што е многу подобро јавниот обвинител да даде мислење отколку во Собранието да се формира комисија па амнестијата да ја одредуваат од таму за кого да важи, а за кого не. Обвинителот најдобро го знае предметот, а и судот исто така кога ќе се комплетира доказната постапка“, рече Рускоска по што додаде дека законот не е прецизен и дека ќе има консултации со Јавниот обвинител и колегите.
Рускоска истакна дека сите докази независно дали се предложени од обвинителството или одбраната ќе се земаат во предвид за амнестијата.
На новинарското прашање што доколку се одлучи никој да не биде амнестиран, обвинителката рече „не можам да решам никого да не се амнестира, јас како обвинител мора да го почитувам законот“.
Рускоска рече дека законот за амнестија не ги опфаќа нарачателите организаторите за кои се води предистражна постапка.
– Став 1 се однесува на организаторите. Ако некој е организатор тој одговара за делата што тој ги организирал. Може евентуално некој дополнително да биде обвинет за делото „здружување за непријателска дејност“, а сепак му останува кривичното дело за нарушување на уставен поредок и безбедност, рече Рускоска.
Виктор Јованов