На денешното судско рочиште за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, што се случи на 12 април 2012 година, вкрстено ќе бидат испрашувани балистичари.
Вешти лица од Институтот за судска медицина на минатото рочиште кажаа дека сите повреди на жртвите им биле нанесени додека биле живи и во нив било пукано од релативна близина.
Професорот од Институтот за судска медицина Златко Јаќоски рече дека на местото на настанот дошле вечерта на 12 април, околу 22 часот и 30 минути, а си заминале околу три часот наутро, кога пристигнале екипи од Погребалното претпријатие АД „Бутел“ за да ги подигнат телата и да ги однесат во Институтот на обдукција.
Сите тела, како што рече тој, биле поставени во еден правец, односно со нозете кон копното.
На почетокот на рочиштето Јаќоски кажа дека тој заедно со неговата колешка Билјана Јаневска вечерта биле на увид на местото на петкратното убиство кај Смилковското езеро.
– Петте жртви се убиени каде што беa пронајдени и во брз временски период, рече Јаќоски, додавајќи дека жртвите починале од повеќе огнострелни повреди, а траги од крв имало под нивните тела што укажувало дека местото на настанот бил токму таму.
Јаќоски посочи дека телото на рибарот Борче Стефановски било пронајдено до автомобилот со лицето свртено кон возилото, а во рацете имал клучеви. На хаубата од возилото било најдено мозочно ткиво.
Одговарајќи на прашање поставено од судијата Огнен Ставрев, вештото лице Јаневска рече дека врз основа на вкочанетоста на телата, мртовечките дамки, оладеноста… може да се претпостави дека смртта настапила 10 до 24 часа пред обдукцијата.
Семејствата на убиените момчиња и рибарот не присуствуваат на рочиштето бидејќи, како што претходно истакнаа, тоа е многу болно за нив и не ќе може да ги следат исказите.
Случајот „Монструм“ во февруари годинава почна од почеток и се уште се наоѓа во доказна постапка.
За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите и случајот го презеде СЈО.