Легалитет наспроти легитимитет

Од:

Последниве неколку недели, едно од прашањата околу кои најмногу се крева прашина е евентуалното враќање на пратеничките мандати од страна на здружениот опозициски блок. По сé изгледа дека кај власта, која на последните парламентарни избори во 2011-та година го доби мандатот да раководи со државата, не постои никакво чувство на одговорност дека треба да преземе чекори кои би резултирале со враќање на демократијата во Македонија. Откако „дружината“ даде сé од себе храмот да го претвори во срамот на демократијата, враќањето на пратеничките мандати станува сé пореално и поверојатно. Суштинската работа која „дружината“ не може никако да ја разбере е разликата помеѓу легалитетот и легитимитетот.

Ова разјарено стампедо кое седум години ја разнебитува Македонија по сите основи (политички, економски, етнички, образовно, културно…) има сериозен проблем со разбирање на суштината на легалитетот и легитимитетот, иако во своите редови има министерка за внатрешни работи која секојдневно милува да мантра во согласност со Уставот и законите. Сепак, како што обично бидува, оние кои најмалку знаат, скоро секогаш горат од некоја пуста желба тоа незнаење што поскоро да го извадат на виделина. Тоа нивно незнаење честопати потсетува на оние површни ликови од основно училиште, кои само на пролистано, седнати во прва клупа, џавкаат „Јас учителке“, надевајќи се дека ќе се протнат и ќе добијат повисока оценка. Рака на срце, убеден сум дека Трајко и Никола седеле во последните клупи, кај повторувачите…

Во целото нивно незнаење, некој сигурно ќе им дошепне, како што им се дошепнува на повторувачите, дека доколку малку поекстензивно си го протолкуваат Изборниот законик (сами на себе, се разбира), или не дај Боже го променат (без опозиција, се разбира, во за нив добро познат стил), без проблем ќе си обезбедат дополнителни избори. И тоа ќе биде легално, но нема да биде легитимно. Ништо чудно на едни такви избори да си фингираат опозиција, тоа сигурно ќе изгледа смешно и патетично како скршениот нокт на претседателката на законодавно-срамната комисија. Тоа повторно ќе биде легално, но нема да биде легитимно. Без учество на опозицијата на тие дополнителни избори (говорам за вистинската, легитимната опозиција која во моментот сигурно тежи преку 450.000 гласови), овие наши главни „јунаци“ можеби ќе си обезбедат и двотретинско мнозинство, но сé уште, тоа што некогаш беше Собрание ќе остане срамот на демократијата. И тоа повторно ќе биде легално, но нема да биде легитимно. Следно, имајќи го потребното двотретинско мнозинство, нема воопшто да се зачудам доколку почнат да ги рушат темелите на парламентаризмот, па којзнае, можеби ќе доживееме и уставна монархија на чело со Крал Никола Први Македонски. И тоа повторно може да биде легално, но никако нема да биде легитимно.

Суштината на легитимитетот е во поврзаноста, во оправданоста на функционирањето на државната власт од страна на оние кои ја бираат. Односно, како што пишува еден реномиран македонски професор по Уставно право: „Легитимна е онаа државна власт која опстојува со согласноста на оние кои ја бираат, а не власта која што се одржува со насилни механизми или со страв на оние кои ја бираат“. Овој режим, кој веќе години владее со страв, принуда и коруптивни активности, одамна го загуби својот легитимитет, а 24-ти декември беше само капката која ја прели чашата. Доколку режимот продолжи да „остварува“ црни и нелегитимни сценарија 24/7, само ќе го забрза својот вртоглав пад, кој од ден на ден станува сé поочигледен.

p.s. Можеби „веселата дружина“ следнава недела ќе си започне постапка за менување на Деловникот кој ќе биде легален, но отпорот секојдневно ќе станува поголем и полегитимен, бидејќи, нели, за државата се работи!

Иван Стефановски

Авторот е магистар по Уставно право

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска