Се согласивме дека и Бугарите имаат подеднакво право на делото на Глигор Прличев, тој е дел од заедничката историја и не е проблем доколку годишнината од неговата смрт или раѓање ја чествуваме заедно, изјави за „Макфакс“ професорот Ванчо Георгиев, еден од членовите на заедничката експертска комисија помеѓу Македонија и Бугарија. Тој рече дека покрај за Григор Прличев се договориле заеднички со Бугарите да го празнуваме и денот на светите браќа Кирил и Методиј 24 Мај. За Цар Самоил експертската група не нашла заеднички став и допрва ќе се преговара.
„Заедничко чествување на делата на истакнатиот писател Григор Прличев и светите браќа Кирил и Методиј е она што е се договори експертската група. За Цар Самоил се уште нема договор дали заеднички ќе се слави, но двете страни се согласни дека треба да се направи реконструкција на ликот и делото на Самуил“, информираше професорот Ванчо Георгиев.
Тој не сакаше да ја коментира изјавата на неговиот колега Иван Илчев, поранешен ректор на Софискиот универзитет, кој за бугарски медиуми наведе дека бил постигнат компромис за Цар Самоил, односно дека „македонците признале“ оти тој ѝ припаѓа на бугарската историја.
„Да не посега по туѓа историја и да ги почитува принципите на добрососедството. Има цели поколенија во Македонија кои се ‘воспитувани со митови и легенди’. Апсолутно е нереално да се мисли дека тоа може да се промени за неколку месеци.“, рекол Илчев.
Професорот Георгиев, рече дека заеднички став на македонската страна е да не се коментираат дневно-политички изјави, кои група луѓе во Бугарија деновиве ги користи за собирање политички поени пред престојните избори.
„Не сакаме да наседнуваме на провокации од поединци. Тоа се луѓе кои се блиски до Кракачанов и нивната задача е политичко дејствување. Ние и припаѓаме на експертската фела, сакаме со работа да делуваме. “, рече Георгиев.
Инаку кратки изјави по завршувањето на состанокот, дадоа Ангел Димитров од бугарската страна и Драги Георгиев на чело на комисијата од Македонија. Но, информациите кои ги даваат се без детали за тоа што точно се преговарало и дали се спорело околу Цар Самоил. Освен што кажа дека заеднички ќе слават овие историски личности, Драги Георгиев, дополнително кажа и дека е завршено изнесувањето забелешките за учебниците по историја во основното образование. Но, тој не наведува какви забелешки поднел експертскиот тим и дали било разговарано за менувањето на учебниците по историја.
Овие информации доаѓаат по третиот одржан состанок на меѓу-експертското тело за заеднички историски прашања кое беше формирано пред шест месеци согласно Договорот за добрососедство и соработка меѓу двете земји.
Габриела Димковиќ-Мишевска