Убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги е проглсен за личност на годината во изборот на американскиот магазин „Тајм“.
Во образложението на изборот се наведува дека прогласувањето на Кашоги за личност на годината е признание и за сите други новинари жртви, како уапсената филипинска новинарка Марија Реса, затворените мјанмарски дописници на Ројтерс, Ва Лоне и Куав Сое О и медиумските работници во американскиот весник „Кепитал Газет“, чија редакција во градот Анаполис беше нападната на 28 јуни, при што беа убиени пет лица.
„Тајм“ нагласува дека оваа година вниманието е насочено кон „заштитиниците на вистината“, додавајќи дека посочените новинари се дел од „една сеопшта борба, водена од безброј други луѓе во светот“.
Кашоги се најде на првото место во изборот, пред американскиот претседател Доналд Трамп и специјалниот обвинител на САД, Роберт Малер, кој раководи со истрагата за руското мешање во американските претседателски избори во 2016 година.
Џамал Кашоги беше новинар на американскиот весник „Вашингтон пост“ и беше познат по своите критички текстови кон саудиските власти. Тој беше убиен на почетокот на октомври во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул. Турските власти, но и најголемиот дел од меѓународната заедница, вклучитечно и САД, за убиството на Кашоги ги обвинуваат властите во Ријад и првенствено саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.