Владата оваа недела ќе ги пушти во собраниска процедура измените на Законот за судови и на Законот за Судски совет, најави денеска министерката за правда Рената Дескоска.
Предложените законски решенија, како што изјави Дескоска, се усогласени со добиените препораки од Венецијанската комисија. Таа се надева дека пратениците ќе имаат доблест да ги поддржат овие законски измени.
– Конечно ги затвораме препораките од Венецијанската комисија што ги добивме. Во изминатиот период, по добивањето на мислењето од Венецијанската комисија во октомври, направиме измени што значат имплементирање на овие препораки и како предлог изработен од Министерството за правда беше испратен до Венецијанската комисија која оваа недела ќе има седница и ќе се произнесе по овој текст. Со оглед на тоа што како Влада веќе го имаме добиено прелиминираното мислење, можам со задоволство да констатирам дека речиси сите препораки на Венецијанската комисија кои досега се дадени, се имплементирани, изјави Дескоска.
Клучните измени во делот на Законот за судови се однесуваат на дисциплинските постапки на кои укажувала Венецијанската комисија уште во 2015 година, но досега не биле имплементирани.
Од Здружението на судии оценуваат дека се прави напредок, но сметаат дека постапаките за дисциплинска одговорност треба да бидат попредвидливи и да се загарантира правото на жалба.
– Судиите сметаат дека постапките за дисциплинска одговорност треба да бидат попредвидливи со пообјективни креитериуми, да се загарантира правото на жалба, да се овозможи транспаретност на постапката со цел да се добијат кредибилни решенија кои ќе бидат прифатени од страна на судиите, изјави претседателот на Здружението на судии и судија во Врховниот суд Џемали Саити.
Измените во Законот за Судски совет, пак, се однесуваат на одговорноста на членовите на Советот за нивното работење, а се поедноставуваат одредбите за постапките за дисциплинска одговорност и разрешување на судии.
– Клучните измени во Законот за Судски совет, кој се уште не е пратен во Венецијанска комисија, а ќе биде пратен по неговото усвојување, се однесуваат на она што значи одговорност на членовите на Судскиот совет, а се поедноставуваат оредбите за постапките за дисплицинска одговорност и разрешување на судии, рече Дескоска.
Резибор на судиите, како што нагласи министерката за правда, не е предвиден.