Францускиот фудбалер Кингсли Коман го шокираше раководството на Баерн Минхен, откако изјави дека попрво ќе се откаже од фудбалот, отколку да се подложи на нова операција, иако нема ни 23 години.
Коман оваа година два пати го оперираше глуждот, го пропушти и Мундијалот во Русија и емотивно изјави дека попрво ќе се пензионира, отколку повторно да оди на операција.
– Кога поради повреда морав да го пропуштам Мундијалот, ми се урна целиот свет. Сега гледам од друга перспектива, малите работи ме прават среќни. Се надевам дека ќе се опоравам и еден ден ќе заиграм на СП, но ако се повредам повторно и морам да одам на трета операција, не верувам дека би се одлучил за такво нешто. Тоа би било премногу, бидејќи тогаш мојата нога дефинитивно повеќе не би била за фудбал и јас би живеел без него, изјави Коман, кој оваа сезона одигра само пет натпревари за Баварците.
Тој кариерата ја започна во Пари Сен Жермен, а пред Баерн, играше за Јувентус.
Тој ги помина сите младински формации на француската репрезентација, додека за сениорите одигра 15 натпревари и постигна еден гол.