Судењата за 27 април и „Монструм“ кои беа закажани за во 10 часот, утринава беа одложени за после 11 часот поради технички проблеми во новата зграда на Основниот суд Скопје 1.
Повеќе од половина час по закажаните термини за почеток на судските рочишта за „Крвавиот четврток“ и „Монструм“, обвинетите, нивните адвокати и новинарите кои ги следат судењата беа оставени да чекаат на ниските температури надвор пред вратите на новата зграда на Кривичниот суд.
Дури во 10 часот и 40 минути од судот соопштија дека станува збор за технички проблем поради што судењата се одложуваат за после 11 часот. Најверојатно станува збор за проблем со алармниот систем во зградата.
Ова не е прв пат да има технички проблеми во новата зграда на Кривичниот суд поради кои се одложуваат рочиштата. Претходно исто така имаше проблем со алармот во новиот објект, а судски рочишта беа преместувани во старата зграда поради проблем со аудио и видео апаратите на кои се презентираат доказите.
Виктор Јованов