За време на протестите пред ДИК требаше колите на Петре Шилегов и Љубомир Фрчкоски да се дигнат во воздух. За време на протестите “За заедничка Македонија” физички беа напаѓани и навредувани новинари и други луѓе кои учествуваат во јавниот живот на Република Македонија. Овие дејствија беа организирани од Нинџа по насока од Владимир Атанасовски тогашниот директор на УБК, сведочи обвинетиот за 27 април Михаил Младеновски кој бил во блиски релации со обвинетиот Александар Василевски Нинџа кој пак според сведочењето на Младеновски бил главен оперативец на УБК.
-Преку Нинџа како прв оперативец на УБК во тие моменти требаше да се напаѓаат личности кои се против интересите на тогашното раководство на Управата. Проценките кој треба да се нападне ги правеа тие. Се палеа коли, требаше да се палат други коли, се напаѓаа личности кои се сметаа за државни непријатели, сведочи Младеновски.
Како што вели сведокот, Александар Василевски Нинџа лично му кажал дека има значка од УБК, исто како и обвинетиот Никола Митревски Кољо.
-Кога беше нападнат Зекири, Нинџа ми кажуваше дека пиштоли кои се дадени од УБК и поделени на екипата се со одобрение на тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Имаше голема поврзаност помеѓу Нинџа и тогашните членови на УБК. Нинџа имаше 2 блиндирани возила, џип со петти степен на заштита, мерцедес со седми степен, опремени со ротациони светла и сирени. Нинџа поседуваше и радио врска која беше на ниво на СВР Скопје, цело време слушавме како комуницира со полицијата. Радио врската беше наштелувана да може да се слуша, а да не може да се одговори. Беа поделени и радио станици мотороли, сведочи Младеновски.
Тој истакна дека упадот во Собранието почнал да се подготвува од луѓето од УБК во февруари, односно 2 месеци пред 27 април.
– На протестите бев 10 до 15 пати, требаше да бидеме внимателни затоа што не знаевме кога ќе пристапат кон бирање на претседател. Најчесто стоевме кај зградата десно од Собрание кај продавницата Авенс. Се држевме на страна од лицата кои протестираа, стоевме на дистанца, вели Младеновски.
На крајот од своето сведочење, Младеновски вели дека очекувале судска постапка, но со обвинение за злосторничко здружување, а не тероризам. Тој исто така истакна дека по упадот во Собранието од Нинџа и Бошковски добиле совети за тоа што треба да направат за да не бидат “фатени”.
-Бевме предупредувани да ги фрлиме телефоните кои ги користевме вечерта, облеката исто, комплетната гардероба која ја носевме. Насоките беа ако ме приведат да кажам дека сум бил сам со брат ми во кафуле во центар. Сме виделе дека има протести и дека инстиктивно сме се упатиле таму, а маските сме ги носеле од претходно. Со тоа сфатив дека не им е грижа за некој од нас, гледаа да си го заштитат сопствениот интерес, да си ги зачуваат позициите и веројатно да ги заштитат своите криминали, рече Младеновски.
Виктор Јованов