Подобрување на деловното окружување, зголемување на конкурентноста, намалување на невработеноста и создавање инклузивно општество, предвидува Програмата за економски реформи 2019-2021. Во Министерството за финансии беше одржан работен состанок помеѓу институциите кои ги спроведуваат реформите, невладиниот сектор и експертската јавност. Финалниот документ Владата има обврска да го достави до Европската комисија до 31 јануари 2019 година.
Според последниот Извештај, Македонија има постигнато најголем успех во имплементацијата на препораките дадени претходната година во мај. Исто така, нотирано е дека земјата сериозно ја подобрила својата оценка во споредба со минатата година.
Целосно се исполнети препораките кои се однесуваат на усвојување на Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии и поставеноста на монетарната политика. Значително исполнување е нотирано кај препораките кои се однесуваат на зголемена фискална транспарентност, користење на ЕНЕР, унапредување на стручното образование преку воведување на модел на дуално образование. Сепак, се уште имаме предизвици кои треба да ги надминеме, не само за да ја подобриме оценката, туку за да ја подобриме економијата и животниот стандард на населението.
Во новата Програма од особено значење се меркитте за малите и средни компании. Тие се насочени кон зголемување на конкурентноста, поддршка на иновациите, усвојување на повисоки стандарди за квалитет, производство со поголема додадена вредност и поврзување на домашните со странските компании.
Во тек се и измени на Законот за јавни набавки кои ќе обезбедат примена на принципот „најдобра вредност за парите“ и ќе овозможат почитување на принципите на ЕУ за транспарентност и конкурентност.
Владата посветува особено внимание и на справување со сивата економија. Годинава се усвои и Стратегијата за формализирање на неформалната економија, како и Акциски план, со конкретни активности, носители и рокови. Се работи и на ново законско решение инспекцискиот надзор, што покрај сивата економија, беше нотирано исто како проблем од страна на бизнис заедницата. Во тек се активности за измени на Законот за судови, што треба да придонесе за подобрување на процесот на решавање на стопанските спорови.
Значајни реформи се предвидени и во делот на образованието и социјалната заштита и инклузијата. Во делот на образованието, ќе се настојувада се зголемува практичната работа во образовниот систем, да се подобрат капацитетите на образовниот кадар и да се зголеми соработката помеѓу образовните институции и фирмите. Ќе продолжи со спроведување мерката – Гаранција за млади, која треба да им овозможи на младите побрзо вклучување на пазарот на труд по завршување на образованието. Во областа на социјална заштита и инклузија, во тек е сеопфатна реформа на системите за социјална и детска заштита. Целта на Владата е намалување на сиромаштијата на 16% до 2021 година.
По доставување на на Програмата до Европската комисија следи оценска мисија. Во мај во Брисел се организира економско-финансиски дијалог на кој се усвојуваат заеднички препораки за подобрување на економското управување на земјата. Подготовката на Програмата е дел од претпристапниот процес на Македонија во Европската Унија.