Кошаркарската репрезентација на Македонија денеска го одржа првиот собир во пресрет на вториот прозорец од втората рунда на претквалификации за Евробаскет 2021.
На првата прозивка одговорија тринаесет кошаркари од петнаесет повикани со исклучок на Шејн Витингтон кој пристигна во Скопје непосредно пред собирот како и Стојан Ѓуроски кој ќе пристигне во текот на утрешниот ден. На собирот не присуствуваше и селекторот Јорданчо Давитков, кој ќе пристигне во утринските часови во четврток.
Сениорите ќе тренираат два дена во Скопје, а потоа ќе заминат во Гевгелија каде ќе се поготвуваат за натпреварот во недела со Косово.
Помошникот на Дваитков, Александар Јончевски изјави дека репрезентацијата оди чекор по чекор и не треба да се потпира на другите резултати во групата.
– Ако Косово ја победи Романија, ние може да си ја завршиме работата во недела, но не верувам во таков исход. Ние ќе одиме чекор по чекор, да се зависи од нас и да не чекаме на други средби. Работиме в недела да го победиме Косово и да си одлучуваме сами за себе, а не да чекаме на други две репрезентации како во циклусот за СП 2019, вели Јончевски.
Репрезентативецот Бојан Трајковски изјави дека нема да биде лесно против Косово и дека треба добро да се подготват за да ја остварат потребната победа.
– Нема да биде воопшто лесно да се совлада Косово. Можеби олеснителна околност ќе ни биде ако за нив не игра најавениот кошаркар од САД. Но, ние не треба да размислуваме толку за нив, туку за нас. Треба добро да се подготвиме и да атакуваме на посакуваната победа, истакна Трајковски.
Македонија ќе одигра само еден натпревар во овој прозорец, а почетокот на дуелот е од 17,45 часот.