Неопходна е поголема регионална соработка меѓу медиумите, преку медиумите да се намали етничката дистанца меѓу младите, да се запре миграцијата на младите и да се зближат повеќе, се некои од препораките од регионалната конференција “Нови можности за регионална соработка” на националните информативни агенции од Западен Балкан, што се одржа во Тирана, во организација на Регионалната канцеларија за соработка на младите (RYCO) и Фридрих Еберт Албанија.
Цел на конференцијата која се оддржува под мотото “A better region starts with youth” и на која присуствуваат претставници од МИА, АТА, ТАЊУГ, СРНА, ФЕНА, ЕВБ и ДВ е да се креираат и да се најдат нови можности новинските агенции да соработуваат на регионално ниво и да се најдат начини и форми за да се намалат овие тенденции и да се воспостават нови практики.
Генералниот секретар на РУКО, Џуро Блануша на своето излагање рече дека вознемирувачки се негативните трендови во регионалната соработка од изминатите години и затоа, рече една од најголемите задачи е да се направат позитивни движења во земјите од Западен Балкан за да се надминат предрасудите.
– На пример, двајца од три млади во Србија имаат негативно мислење за албанците и обратно. Исто така голем број млади сакаат да го напуштат регионот. Во Албанија процентот е алармантен дури 72 процент од младите сакаат да си заминат од земјата. Ова не може да се реши преку ноќ туку мора стратешки да се пристапи, рече Блануша.
Денешната конференција има за цел да гради соработка помеѓу медиумите, тие да информираат за успешни стории и да нуди подобри опции за RYCO најдобро да ја изврши својата мисија. Ова е многу добра иницијатива за соработка на медиумите од регионот да ги стимулираат младите да се вклучат во активностите на RYCO, рече Ани Руци дописник од Албанија за Дојче Веле.
RYCO е меѓувладина организација која ја промовира прекуграничната и меѓукултурната соработка во шест држави од Западен Балкан: Албанија, Македонија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија.