Кампања „Без изговори“ на РСБСП

Од:

Мотоциклистите, како ризична и ранлива група учесници во сообраќајот, треба да бидат двојно повнимателни и поодговорни. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи и почитувањето на поставената сообраќајна сигнализација од мотоциклистите е повеќе од неопходно, ако се има предвид дека при секој судир на моторно возило и мотоцикл, ризикот и веројатноста од сериозна повреда на мотоциклистот е навистина голема.

Ова денеска го соопшти Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во рамки на кампањата „Без изговори“. Тие апелираат мотоциклистите без изговори да ги почитуваат правилата во сообраќајот пред се поради нивната безбедност.

Статистичките податоци покажуваат дека во Република Македонија мотоциклистите претставуваат само 0,5 отсто од вкупниот број учесници во патниот сообраќај, а приближно 10 отсто од вкупниот број загинати лица во сообраќајни незгоди. Најголем број од загинатите мотоциклисти припаѓаат на возрасната група од 25 до 34 години. Несоодветната брзина на возење и неупотребата на заштитна опрема и заштитен шлем се издвојуваат како главни причини за трагичните последици од сообраќајните незгоди.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги потсетува мотоциклистите дека не постојат никакви изговори и никакви оправдувања, сообраќајните правила и прописи важат и за нив исто како и за сите останати учесници во сообраќајот. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи од сите учесници во сообраќајот е основен предуслов за негово безбедно одвивање.

Од РСБСП потсетуваат дека користењето заштитна кацига е задолжително, како за возачот, така и за сопатникот и непочитувањето на оваа одредба предвидува санкција од 50 евра во денарска противвредност. Секој кој се превезува на мотор треба да знае дека користењето заштитна кацига го намалува ризикот од здобивање со смртоносни повреди на главата и во исто време штити од ветер, дожд или снег, односно овозможува мотоциклистот безбедно да управува со возилото.

Според законот, полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот на мотоцикл, кој управува со мотоцикл без заштитен шлем и кога лицата кои се превезуваат не носат или одбиваат да носат заштитен шлем за време на возењето на патот.

Користењето на останатата дополнителна заштитна опрема како што се заштитна јакна, заштитна облека, заштитно елече и други додатоци (чизми, наочари, кожни панталони, ракавици итн.), иако се исклучително важни за безбедноста на мотоциклистите и лицата кои се превезуваат на мотоцикл, сепак нивното користење не е задолжително со закон, но е препорачливо пред се поради безбедноста на мотоциклистите и на лицата кои се превезуваат на мотор.

РСБСП препорачува во овој период од годината да се направи техничка проверка на мотоциклот, да се заменат маслото и филтерот, да се провери и наполни акумулаторот, да се провери течноста за ладење на моторот, да се исчисти или замени филтерот за воздух, да се проверат сопирачките и течноста во сопирачките (глицеринот), да се провери притисокот на воздух во гумите и особено да се провери дебелината на шарата на гумите.

Би можело да ве интересира

„Не користи мобилен телефон додека возиш“: Кампања на РСБСП

A1on

Возачите да бидат внимателни во близина на воспитно-образовните установи, апелира советот за безбедност во сообраќајот

МВР: Значително намален бројот на жртви во сообраќајот

ВИДЕО: МВР и РСБСП со кампања за зголемена безбедност во сообраќајот

Ана Ололовска

РСБСП: Промоција на прирачник за возачи почетници

Ана Ололовска

РСБСП: На матурска прослава без автомобил

Ана Ололовска