Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Ѓорѓи Кочов во пресрет на вечерашниот дуел со Динамик во АБА 2 лигата, очекува победа по која сино-белите ќе останат при самиот врв од табелата во регионалното натпреварување.
– Натпреварот против Динамик ни доаѓа во малку незгоден момент, само три дена по исцрпувачкото дерби против најлутиот ривал во домашното првенство во кое емотивно се испразнивме. Против себе ќе имаме млада и полетна екипа, која негува брза и атрактивна кошарка. Тимот е составен претежно од играчи кои се високи помеѓу 195 и 205 сантиметри, што ги прави уште потешки за скаутирање и играње. Искуството е на наша страна и ќе се обидеме тоа максимално да го искористиме и да славиме во дуелот на домашен терен, изјави Кочов за клупакста веб-страница.
Натпреварот се игра во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот. Влезот е слободен.
МЗТ Скопје Аеродром во моментов има скор 5-2 и е на делба на втората позиција заедно со Сплит и Спарс, кои исто така имаат по два порази.