Денешната средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери со Премиерот на Република Малта, Јозеф Мускат кој е во прва официјална посета на Република Македонија, помина во пријателска и конструктивна атмосфера и на истата беа разменети повеќе информации и мислења околу идната соработка на двете земји, како на политички така и на економски план.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, посакувајќи му добредојде на својот гостин, изрази надеж дека средбите на високо ниво меѓу двете страни во наредниот период ќе се интензивираат и тоа ќе претставува можност за продлабочување на севкупната соработка на сите полиња. Џафери нагласи дека, Република Македонија со Република Малта нема отворени прашања на политички план и односите се коректни и пријателски, но во иднина треба заеднички да се работи на зајакнување на економската и трговска соработка, затоа што постојат сите предуслови и потенцијал за тоа. Во продолжение, тој изрази благодарност за досегашната поддршка од страна на Малта за нашите евроинтеграциски процеси и истакна дека за нас е добредојдена помошта и искуството кое може да го добиеме од Република Малта. Џафери го информираше гостинот за силната определба на нашата држава за развивање соработка и добрососедски односи со сите земји во нашето опкружување и во таа насока, изрази надеж дека најдоцна до средината на месец Јануари 2019-та година, ќе се завршат собраниските процедури околу уставните амандмани и со тоа ќе се заокружи и овој процес на отворање на вратите кон НАТО и ЕУ.
Претседателот на Владата на Малта, Јозеф Мускат изрази задоволство од топлиот и пријателски прием на кој наиде во Република Македонија и изрази надеж дека добрите и пријателски односи ќе продолжат да се развиваат и во иднина. Исто така, Премиерот на Малта искажа спремност на неговата земја да даде поддршка на Република Македонија на планот на интегрирање во ЕУ и тоа со конкретни програми и планови, доколку тоа биде побарано од нив, како на технички така и на административен план.
На крајот на средбата, Џафери искористи можност да уште еднаш упати преку својот гостин покана до претседателот на Парламентот на Малта да ја посети Република Македонија и воедно ги повика парламентарците на двете земји да ја интензивираат и зајакнат нивната комуникација и соработка. Двајцата соговорници се согласија дека ќе дадат максимален придонес за продлабочување на идната соработка на секој план.