Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, ги одбил жалбите на обвинетиот експремиер Никола Груевски и неговата одбрана, во однос на случајот на СЈО „Тенк“, поврзан за набавката на луксузниот „мерцедес“.
На денешната седница на Кривичниот совет, по ценење на фактите и доказите во жалбите, истиот донел решение со кое ги одбил жалбите и го потврдил решението на судијата за извршување санкции, информираат од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.
Оттаму додаваат дека решението е испратено до странките во постапката и истото е извршно веднаш по приемот од странките.
Ова значи дека откако Груевски ќе ја добие одлуката на рака, ќе треба да се пријави во затворот во Шуто Оризари.
Претходно, по одлуката на Апелациониот суд со која беше потврдена првостепената пресуда на Кривичен од 2 години затворска казна, Груевски упати жалба со барање за одложување на затворската казна, која беше одбиена од страна на судијата за извршување на санкцијата, по што експремиерот упати жалба до Кривичен совет составен од 3 судии со истото барање што исто така сега е одбиено.
Виктор Јованов