Ромите како дел од нашите општества отсекогаш се соочуваат со проблемот во пристапот и остварувањето на слободите и правата. Притоа, нивната перцепција на исклученост и нееднаквост, чувството дека не им се посветува внимание кое го заслужуваат, за жал се уште е присутно, иако изминува третата година по завршувањето на десетгодишниот процес за подобрување на состојбата на Ромите и нивната интеграција во општеството.
Ова го истакна народниот правобранител на Републиак Македонија, Иџет Мемети денеска на отворањето на дводневната регионална конференција на тема „Инклузија на Ромите по завршување на Декадата на Ромите: Тековна состојба и предизвици“.
Првиот чекор од страна на државата, како што потсети Мемети, беше развивањето на Националната стратегија за Роми 2005 -2015, при што следеше и потпишувањето на меѓународната Декларација „Декада на Ромите 2005-2015 година“ во Софија, каде земјите потписнички се обврзаа дека ќе работат на намалување на јазот помеѓу Ромите и не-Ромите во областтите: вработување, домување, образование и здравство, со посебен фокус на родовото прашање, дискриминацијата и политичкото учество.
– Наместо сеопфатен, системски и одржлив пристап на долг временски рок, кој би дал резултати за целосна инклузија на ромската заедница, имплементацијата на Стратегијата се сведе на проекти од страна на граѓанското општество, рече Мемети и додаде дека Македонија денес е во фаза на имплементација на нова Стратегија за Ромите 2014-2020, при што основните области и понатаму остануваат отворени прашања.
Клучната приоритетна област, на која мора многу да се работи, како што рече заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, е образованието, бидејќи истражувањето спроведено за потребите на Народниот правобранител покажува состојба на незавршување на образованието од страна на учениците-Роми, односно непреминување од основно во средно образование и незапишување во високото образование.
Во контекст на тоа, Мемети посочи дека најголем број од учениците Роми во основното образование биле запишани во учебната 2008/2009 година (вкупно 10.187 ученици), додека пак најмал број на ученици-Роми биле запишани во учебната 2015/2016 (вкупно 8.785 ученици), при што дури 60 отсто од генерацијата 2008/2009 не го комплетирале образованието, односно го напуштиле образовниот процес.
Во делот на здравството истражувањето, како што истакна народниот правобранител, покажало задоцнето реализирање на предвидените активности кои отпочнуваат дури во 2010 година, а според информаии од Министерството за здравство нема годишни извештаи за спроведените активности за периодот 2005-2015 година, или годишните извештаи не се прикачуват на веб страницата на Министерството, што го отежнува процесот на евалуација на спроведените активности.
Во однос на вработувањето како област индикатор за намалена невработеност, како што беше речено на конференцијата ефект не е постигнат.
– Според истражувањето, учеството на Ромите во вкупниот број на невработени изнесува 6,3 отсто во 2016 година и 6,4 во текот на 2017 година, рече Мемети.
Тој посочи дека вработувањето на Ромите во јавниот сектор најголем раст бележи во 2011 година, а пак доколку се анализира структурата на вработените по институции 43 отсто или 750 Роми од вкупно вработени 1.715 се вработени во јавните комунални претпријатија. Истовремено, според истражувањето, ромската заедница е најмалку застапена во делот на раководни функции и тоа 0,2 отсто од вработените или само 17 Роми се на раководни фунции.
Мемти посочи дека причина за слабите ефекти на јавните политики за Ромите се недоследност во евалуацијата и мониторинг, недоволна вклученсот и координација на институциите, недостаток на соработката со граѓанското општество, недоволно буџетски средства, ниска искористеност на издвоените средства, како и средства од донатори наместо од буџет.
Канцеларијата на народниот правобранител организирајќи го овој настан, со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Бугарија, преку Амбасадата во Република Македонија спроведе истражување за состојбата на Ромите и нивната инклузија по завршувањето на Декадата на Ромите. Истражувањето е спроведено од Институтот за истражување и анализи на политики-Ромалитико со цел да се отсликаат реалните состојби и да се предложат мерки за подобрување на слабостите.
На дводневната конференција учествуваат претставници од законодавната и извршната власт, пд локалната самоуправа, од омбудсман институциите од регионот и од невладини организации.