Шилегов: Граѓаните мора да бидат дел од носењето на одлуките коишто непосредно ги засегаат

Од:

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на меѓународната конференција „Европска интеграција низ перспективата на соработка меѓу граѓанските здруженија и локалните власти“, што се одржува во салата на Советот на Град Скопје. На оваа дводневна конференција учесниците ќе се запознаат со примери за соработката меѓу локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, ќе разменат искуства и добри практики и ќе добијат добри совети што ќе помогнат Република Македонија и Градот Скопје да се приближат кон Европската унија и европските вредности.

Целта на оваа конференција е да се истакне важноста и потребата од граѓански дијалог и соработка на локално ниво, како услов за добро владеење на локалната самоуправа. Наша одговорност е да ја вклучиме пошироката јавност во планирањето на развојот на градот и на општините, во утврдувањето на заедничките приоритети и во реализацијата на проектите. За жал, Скопје изминатите години се оддалечи од сопствените граѓани. Токму заради тоа јас инсистирам и со пораките што како градоначалник ги праќам, меѓутоа и со дејствијата што како администрација ги преземаме, градот да го направиме подостапен за граѓаните, односно граѓаните да бидат дел од носењето на одлуките коишто ги засегаат непосредно, во нивниот секојдневен живот. Новата градска администрација секојдневно соработува со претставници на најекспонираните здруженија на граѓани коишто во изминатиот период се бореа за хуманизирање на урбанизацијата на градот, за почист воздух, за правото на алтернативен транспорт, односно непречено користење на велосипедот како превозно средство и слично – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој потсети дека токму во оваа сала во изминатиот период се одржуваа јавни дебати на теми кои се од голема важност за граѓаните, а се однесуваа на загадувањето, дотурот на стока, хотелиерството, стручното образование, гасификацијата на градот и трасата на Водно, извештајот за состојбата на стационарот „Вардариште“ и други теми.

За мене, како градоначалник на Град Скопје, е особено значајно што денеска ќе потпишеме меморандум за соработка со Европското движење во Република Македонија, една од првите невладини организации во нашава земја. Потпишувањето на овој меморандум ќе ни овозможи да воспоставиме соработка меѓу Европското движење во Република Македонија и Градот Скопје со цел афирмација на европските интеграции во Скопје и пошироко, а особено на планот на јакнењето на демократијата, како и остварување на повисоки развојни цели во локалните средини. Таа соработка ќе ни овозможи да реализираме заеднички проекти, партнерство во национални и меѓународни конференции и друг вид јавни дебати, организирање граѓански активности поврзани со евроинтеграциите на Република Македонија, како и други активности кои се однесуваат на заедничките цели, мисијата и визијата на двете страни потписнички. Пред нас претстои плодна соработка. Со организацијата Европско движење во Република Македонија во периодот што е пред нас ќе соработуваме и во активностите на Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија, во поглавјата релевантни за локалната самоуправа. Значајно е да се нагласи и нашето идно партнерство во реализацијата на проектот „Граѓанските организации за функционирање на локалната демократија“, финансиран од INSTRUMENT FOR PRE-ACCESSION ASSISTANCE – II Civil Society Facility and Media, како и други проекти од заеднички интерес – објасни Шилегов.

Евроатлантските интеграции на Македонија, нагласи градоначалникот Шилегов, многу директно и многу експлицитно ќе влијаат врз квалитетот на живеење и развојот на градот.

– Сакале ние или не ќе мораме да ги доловиме стандардите како институции, но и одговорностите и како институции и како граѓани коишто следуваат со зачленувањето во овие асоцијации, особено во Европската унија. Претпристапните преговори не се ништо друго туку адаптирање и на луѓето и на институциите и на пазарот на новите услови и правила што важат во ЕУ кои ќе придонесат, особено во сегментот на урбаното живеење, да постигнеме многу повисоки стандарди и да смениме некои од навиките коишто досега ги имавме и како институции и како луѓе поединци. Особено треба да се има предвид дека за земјите коишто се во фаза на претпристапни преговори ЕУ има посебни фондови за развој на инфраструктурата и на условите за подобрување на квалитетот на живеење. Затоа во градската администрација се обучуваат посебни екипи на луѓе со цел да можеме навремено да аплицираме за неопходните проекти. Градот Скопје преку сите активности што ги преземаме, во блиска иднина успешно ќе се справи со предизвикот да се издигне во една модерна европска метропола и престолнина на идната членка на НАТО алијансата и на Европската унија – рече денеска Шилегов.
На денешната конференција присуствуваа и Дејан Павлески, заменик-министер за локална самоуправа; Јон Ивановски, национален координатор на ЦЕИ од Министерството за надворешни работи и Милева Ѓуровска, од Европско движење во Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Кузеска: За хаосот во Скопје најголема вина имаат Мицкоски и ДПМНЕ

Протест поради проблемите со автобускиот превоз во Скопје

(ВИДЕО) Јовановска: На народот му врие, преку глава му е од овие политички препукувања

Советот на Град Скопје побара да продолжат разговорите со Владата за нормализирање на состојбите во градот

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанчева: Добро е што Владата прифати една мерка на СДСМ, Советот на Скопје да ги поддржи сите три

Вонредна седница на Советот на Град Скопје: Од утре Скопје ќе има автобуски превоз