Раководството на Баерн Минхен во оваа фаза продолжува цврсто да стои зад тренерот Нико Ковач.
Според „Кикер“, Хрватот ќе ја задржи функцијата дури и при пораз од Борусија Дортмунд во „дер класикер“ следниот викенд. Пораз на „Сигнал Идуна Парк“ ќе го оддалечи шампионот на 7 поени од врвот и автоматски ќе го направи противникот фаворит за краен триумф.
Сепак, „Кикер“ додава дека Ковач не ужива посебна поддршка во соблекувалната. Четворица од лидерите во тимот – Франк Рибери, Матс Хумелс, Томас Милер и Арјен Робен, се во основата на групата, која не верува во квалитетите на тренерот. Тие гледале на Ковач како добар човек кој сепак го немал потребното искуство да го води Баерн.
Ковач пристигна во текот на летото од Ајнтрахт Франкфурт, откако Ули Хенес и Карл-Хајнц Румениге не успеаја да најдат попознат ментор.
Баварците се соочуваат со сериозни проблеми оваа сезона и се на 4 поени од првото место во Бундеслигата. Шефовите на Баерн веќе еднаш застанаа зад Ковач, откако ги прекорија медиумите, кои, според нив, не го одразуваат реално она што се случува во тимот.