„Владата треба да покаже дека има концепт за даночната реформа, а не концепт за популистички мерки.
Потребни се итни реформи во легислативата кои би го нормализирале прометот (јавна тајна е дека УЈП нема надлежност на целата територија на земјава, а дел од нивниот персонал нема ниту знаење ниту квалификации).
Понатаму, јавноста нема доверба во институциите на системот и има низок степен на задоволство од услугите кои ги дава самата држава- инфраструктура, јавно здравство, други јавни услуги, ефикасна судска власт и.т.н.
Таа, државата, со истите средства прибрани од даночните обврзници, истовремено ќе доделува средства за развој на мали и средни претпријатија и ќе троши пари за намалување на социјалните разлики?“, прашуваат од Граѓанско Демократска Унија-ГДУ.
„Конечно, Владата ниту во еден момент не размислува да го стави под сомнеж трошењето на средствата на нејзините институции, агенции и сл. Туку и ќе ги помогне локалните самоуправи кои поради лошо управување се во долгови- досега затворија едно основно училиште заради заштеда!
Магливите ветувања на министрите треба да бидат заменети со конкретни мерки кои треба да бидат насочени не само кон зголемувањето на данокот на доход кон една категорија, туку и негово намалување кон други ( категоризација на обврзниците според личниот доход и намалување на обврските). Затоа, почнете да размислувате за прогресивен данок на капиталот, а не на трудот, прогресивен данок на луксуз, а не нови даноци на работниците, прогресивен данок на профитот на олигарсите, а не прогресивен данок за луѓето кои работат во нивните фирми.
И сосема за крај, без оглед дали и колку сме рудиментирано општество, сите сме потрошувачи и плаќаме за услуги и производи. Па сепак, Владата воопшто не размислува за намалување или целосно укинување на акцизата за одредени производи. Фискализацијата како да служи само како алатка за пресметка меѓу УЈП и приватниот сектор – за еднократниот поврат на ДДВ кај потрошувачите!“, изјавија од Граѓанско Демократска Унија-ГДУ.