Првиот директен лет од Атина пристигнa вечерва на Меѓународниот аеродром Скопје. Aegean Airlines и ТАВ Македонија ја отворија новата авионска линија Атина – Скопје – Атина од 1-ви ноември
Со свечена церемонија за добредојде, ТАВ Македонија вечерва го пречека првиот директен лет од главниот град на Грција до Скопје, опериран од Aegean Airlines, најголемата авиокомпанија во Грција и членка на Star Alliance. Патниците пристигнаа на Меѓународниот Аеродром Скопје со воздухоплов од типот Bombardier DH4, со 78 седишта.
Директната линија ќе сообраќа во текот на целата година, два дена во неделата, односно секој вторник и четврток. Првиот лет, денес, четврток, 1-ви ноември, од Меѓународниот аеродром „Елефтериос Венизелос“ во Атина до Меѓународниот аеродром Скопје слета во 18:55 часот, а полета назад кон Атина во 19:25 часот. Летовите што ќе сообраќаат секој вторник ќе слетуваат на Меѓународниот Аеродром Скопје од Атина во 09:15 часот, а ќе се враќаат назад за Атина во 09:45 часот.
Од ТАВ Македонија потенцираат дека се среќни што ја додаваат Атина на долгата листа со градови кои што се поврзани со директни летови од Скопје.
-Среќни сме што го најавуваме повторното воведување на директната линија меѓу Атина и Скопје. Веруваме дека ова понатаму ќе придонесе за развивање и за подобрување на економските односи меѓу двете земји. Директната авиолинија меѓу Скопје и Атина ќе биде кориснa не само за бизнис-патниците, туку и за туристите, како и за целокупната туристичка индустрија, бидејќи двете земји имаат многу да понудат во поглед на природни убавини, занимливи и атрактивни места коишто туристите треба да ги посетат, откријат и истражат, изјави Алпер Ерсој, Генералниот директор на ТАВ Македонија.
Официјалните лица од Aegean Airlines исто така го изразија нивното огромно задоволство за повторното воведување на оваа авиолинија.
-Оваа нова линија доаѓа со цел да ја задоволи побарувачката на пазарот, и не само за да ја опслужи бизнис-заедницата, туку и за грчката заедница со седиште во Скопје. Се надевам дека оваа услуга ќе биде успешна и новите директни летови ќе ја постават сцената за нови можности за трговија, туризам и културна размена меѓу двете земји. Сигурен сум дека новите летови исто така ќе придонесат за проширување на соработката меѓу двете земји, на начин од кој придобивки ќе имаат двете економии, изјави Панос Николаидис, Директор за земски операции во Aegean Airlines.
Билетите за летовите за новата авиолинија Атина – Скопје се во продажба преку веб-страницата на Aegean Airlines.
Покрај директната авионска врска на релација Скопје – Атина и обратно, линијата ќе им овозможи на патниците и конекции преку главниот град на Грција до други дестинации.
Aegean Airlines моментално сообраќа до вкупно 153 дестинации, 33 домашни и 122 меѓународни, во 44 држави, со 16.600.000 седишта достапни на 61 воздухоплов во рамки на една од најмладите флоти во Европа.
Со додавањето на оваа дестинација, Меѓународниот Аеродром Скопје сега е поврзан со 37 редовни линии во текот на целата година, оперирани од страна на 13 авиокомпании.
На аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид на 17-ти ноември ќе се отвори нова редовна линија од Виена, така што Охрид има 3 редовни линии што сообраќаат во текот на целата година и 8 сезонски дестинации, на кои сообраќаат 11 авиокомпании.
ТАВ Македонија како аеродромски оператор на двата македонски аеродрома продолжува со позитивните резултати од почетокот на годинава. Во првите девет месеци од 2018 година (јануари – септември), вкупно 1,8 милиони патници патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународен аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, што е пораст од 18% на годишно ниво. Во исто време, вкупниот број на летови е 15.395, што е 12% пораст споредено со истиот период минатата година.