Парламентарното Собрание на Советот на Европа во резолуцијата за Бугарија го избриша од текстот македонското малцинство во таа земја, објави Дојче Веле.
Бугарскиот парламентарец Лачезар Тошев изјавува дека отстранувањето на македонското малцинство е добра формула за да им се даде саканата заштита од страна на Советот на Европа и да се избегне отварањето на пандорината кутија со специфично назначување на одредени малцинства и групи.
Специјалистот за малцинските прашања во ПССЕ, летонскиот пратеник Борис Цилевич, не го дели истото мислење, тој потсетува дека бугарското законодавство не ги посочува со точност малцинствата кои се признати и тие кои не се признати.
Цилевич потсети дека е познато во практиката: „тие (Македонците и Помаците) не се претставени во Советот на малцинствата, а се донесени повеќе пресуди на Судот за човекови права поради одбивањето за официјално регистрирање на организациите кои ги претставуваат овие малцинства.“
– Јас јасно ставив на знаење во моето обраќање пред ПС на Советот не Европа дека Бугарија е наша пријателска држава и сосед, токму заради овие причини, како и заради тоа што во првичниот текст јасно беше побарано македонското малцинство да биде дел од Советот за национални малцинства на Бугарија, а беа посочени и проблемите кои ги имаат со нивните права и спроведувањето на одлуките на Судот во Стразбур. Тоа беше наша искрена подршка, објаснува за Дојче Веле Александар Николоски шефот на македонската делегација при ПССЕ за неговата претходна поддршка за затварање на пост-мониторинг дијалогот со Бугарија.