Ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност и ексначалникот на крим-техника на СВР Скопје Горанчо Савевски, разузнавал и прислушувал граѓани од Куманово, кои ги лоцирал како соработници на Зоран Дамјановски – Циц, тогашен градоначалник и кандидат на СДСМ на локалните избори во 2013 година.
Савески во разговор со тогашната министерка Гордана Јанкулоска ја информира за луѓе кои седеле во локал во Куманово и разговарале за некоја колумна во која се велича Циц.
„Зборуваа за колумна во која се величи Циц. Тоа е прочитано од нивните усти во разговорот на масата. Му даваа поддршка на Циц. Ние ќе тераме до крај“, ѝ вели тој на Јанкулоска.
Таа, пак, во разговорот му кажува за некој сопартиец кој ѝ рекол дека е на едно место, а за кој Савевски испитал и ѝ вели: „Вие кога сте му се јавиле, он седеше со тие луѓе на друго место“.
Потоа Савевски прави цели анализи, кој со кого се среќавал во Куманово, кога и каде, и ѝ кажува на Јанкулоска дека од „Баба Цана“, па до последна пицерија, сите ги прошетал со своите тимови и видел кој за кого агитирал.
Потоа ѝ предлага извесен Слободан – Цобе и некој Бранко да утврдат дали се со ВМРО-ДПМНЕ или преминале на другата страна, а раскажува и за некоја “жена со плава коса” за кого работела во вториот круг на локалните избори во Куманово. Тој признава и дека прислушувал граѓани од Куманово.
Во кривичниот суд трае паузата по првиот дел од денешното рочиште, кое продолжува за 1 час со нови снимки.
Васко Маглешов