Тодоров: Им благодарам што ме спасија од срамот да бидам дел од секташка фракција

Од:

Поранешниот министер за здравство и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров се огласи на Фејсбук откако синоќа беше исфрлен од членството во партијата.

-Денот на Македонската револуционерна борба, за мене ден на ВМРО, оваа 2018 година го дочекав со голема тага и разочараност. Но, не од фактот што е даден предлог за мое исклучување од партијата на која и го посветив мојот живот и мојата младост, на која со мојата напорна работа, многу самoжртва и посветеност заедно со соборците од општинските, месните комитети и кимовите, и донесовме многу победи и причини за славење. Не, тоа не е причината за мојата разочараност, бидејќи знам дека не ме исклучија и не можат да ме исклучат од мојата партија.

Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во Анти-западна, Анти – ЕУ и Анти-НАТО фракција, управувана од луѓе кои се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури кои се уште се поклонуваат на туѓи антимакедонски и антизападни пропаганди и интереси. Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам. Затоа, сакам да им се заблагодарам што со овој чекор ме спасија од срамот да бидам дел од нивната секташка фракција. ВМРО преживеала и поминала многу, ќе ги преживее и нив. За разлика од нивната фракција, мојата партија ВМРО-ДПМНЕ е Европска, модерна, центар-десна партија, во која искрено членуваат македонски родољуби, интелектуалци, работници, домаќини луѓе, народот. Македонскиот народ. Напатениот и илјада пати злоупотребениот и изневерен македонски народ.

Во мојата ВМРО-ДПМНЕ претседателот на партијата е со ограничен мандат, не повеќе од 8 години(два мандата), унијата на жени е почитувана организација која обезбедува целосна рамноправност помеѓу мажите и жените во управувањето со партијата со најмалку 40% учество на сите нивоа на управување, од конгресот на партијата па до секој КИМ. Во мојата ВМРО-ДПМНЕ постапката за избор на нов претседател на партијата почнува најмалку 9 месеци, а најмногу 1 година пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, со далеку поголем број на делегати и со сериозно поголема застапеност на УМС, УЖ и Унија на ветерани на конгресот, и со поголема партиципација на општинските комитети, односно со делегирање на 1 делегат на секои 250 членови.

Општинските комитети самите ги бираат делегатите, бидејќи е нелогично и недемокртски нив да ги поставува претседателот на партијата, а тие потоа да го бираат него. Во мојата ВМРО-ДПМНЕ УМС има најмалку 3 претставници во ИК, и е евро-атлантски ориентирана(како што и беше, а знам дека и сега е). Унијата на ветерани е мудроста и чувар на вистинската вмровската доктрина и е застапено со тројца преставници во ИК. Поранешниот претседател не може веднаш да биде прогласен за почесен, туку тоа може да се направи по најмалку 8 години по неговата смена.

Во мојата ВМРО, забранет е непотизмот и забрането е раководството од ОК и ИК да си ги вработат сите роднини во државната администрација, или да си ги постават на високи партиски или државни функции. Мојата ВМРО-ДПМНЕ не е изолирана партија. Како што кажав мојата ВМРО-ДПМНЕ е европска, модерна, центар-десна политичка партија. И јас сум сеуште со срцето и душата во ВМРО-ДПМНЕ и никој, никој не може да ме исклучи од мојата партија.

Семејството, државата и партијата ми се најважните, напиша Тодоров.

Веднаш по објавата на Тодоров на Фејсбук, следуваа експресно коментари во кои се порачува дека ја предал партијата и членството, како и дека тој е предавник.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било

Град Скопје: Дали најавите на Мицкоски за набавка на нови автобуси се причина за блокадата на Скопје од советниците на ВМРО-ДПМНЕ

Партизацијата на МВР на дело, полицајци на партиски состаноци на ДПМНЕ обвинува СДСМ

Катерина Ѓуровски