Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани излегува на слободниот пазар за електрична енергија за да ги обезбеди потребни количини струја за наредната година. Тоа се најде на листата на мали потрошувачи, кои лани имале потрошувачка поголема од сто мегавати, поради што трета година по ред го нема статусот на тарифен потрошувач.
За набавката ќе се потрошат над 14 милиони денари од буџетот на претпријатието со кои се планира да се обезбедат 2,9 мегават часови електрична енергија за првите шест месеци во идната година.
-Постапката за избор на снабдувач е во тек и очекуваме на овој начин да постигнеме заштеда во трошоците, а освен тоа во план е догодина да ја намалиме потрошувачката на струја за околу десет отсто во споредба со тековната година. Најголем дел од енергијата е наменета за пумпите во градската водоводна мрежа и во системот на Геотерма, а остатокот е за другите работни единици што се во состав на претпријатието, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.
Покрај „Водовод“, на листата на мали потрошувачи што ја објави државната електропреносна компанија МЕПСО, се наоѓаат и локалната самоуправа и триесетина приватни компании од Кочани.