Адеми: Детално ќе се анализира Извештајот на Светска банка за состојбата во образованието

Од:

Извештајот на Светска банка за состојбата во образованието во Македонија детално ќе се анализира и со нашите меѓународни партнери и со сите засегнати страни во земјава ќе креираме политики за подобрување на ситуацијата, а тоа веќе и го правиме, порача денеска министерот за образование и наука Арбер Адеми.

– За нас се добродојдени секакви кредибилни извештаи преку кои се отсликува реалната состојба во нашата држава и во нашиот образовен систем. Преку нив можеме да видиме и да имаме јасна слика до каде сме и од тоа да зависат нашите политики за подобрување на состојбата во нашиот образовен систем, изјави Адеми во одговор на прашање на манифестацијата „Заедно градиме мостови“ што денеска се реализира во Школка во Градски парк во Скопје.

Истражување на Светска банка покажува дека само 50 отсто од сега родените деца во Македонија би биле продуктивни и ефикасни во иднина со оглед на недостатоците на образовниот систем низ кои поминуваат. Според извештајот, децата во Македонија кога излегуваат од образовниот систем со навршени 18 години имаат знаење како деца од 11 години во останатите земји.

За обвинувањето на дел од просветните работници од Независниот синдикат за образование и наука дека им се скратени денови од одмор, Адеми рече дека ако евентуално има такви ситуации ќе се разгледаат и во рамки на Министерството, но и со синдикатите, бидејќи, како што кажа, се приморани социјалниот дијалог да го негуваат со сите за сегнати страни.

– И годинава е запазена истата постапка што се спроведувала години наназад кога се работи за правата и обврските на сите кои се вклучени во образовниот систем, а тоа е да се потпишува договор со најрепрезентативниот синдикат. Во нашиот случај за покачување на платите за пет проценти за сите просфетни работници, но и за други права и обврски кои произлегуваат од Колективниот договор и спогодбите што ги потпишуваме со СОНК е запазена истата постапка и не се работи за никаква дискриминација. Тие права важат за сите што се вработени во образованието, посочи Адеми.

Тој нагласи дека претставници на Независниот синдикат за образование и наука биле на средба кај него пред да се потпише спогодбата со СОНК како најрепрезентативен синдикат во областа на образованието.

Би можело да ве интересира

Јаневска: МОН со закон ќе го официјализира дуалното образование

МОН: Над 1.000 асистенти во новата учебна година ќе бидат поддршка на учениците со попреченост

МОН: Од утре ќе се исплаќа неисплатената финансиска поддршка за основци и средношколци

МОН: Нов електронски дневник за работа на училиштата, по тестирањето ќе почне неговата официјална примена

Горан Наумовски

МОН со препорака за скратени часови и со насоки за заштита на учениците од високите температури

МОН: Наставата наместо во саботи ќе се надомести во работни денови