Македонската фудбалска репрезентација во некомплетен состав го одработи вчерашниот тренинг во пресрет на дуелот со Лихтенштајн. Иако првично се појавија шпекулации дека неколкумина репрезентативци добиле труење од храна, ФФМ преку официјалниот сајт излезе со информација дека се работи за стомачен вирус.
Досегашните испитувања и добиените резултати од клиничката болница „Систина“, а поврзано со стомачните тегоби на кои се жалеа неколкумина фудбалери од А репрезентацијата на Македонија, покажуваат дека се работи за стомачен вирус, соопшти Фудбалската федерација на Македонија.
Испитувањата даваат слика дека објективната причина за состојбата на дел од фудбалерите во националниот тим не е труење со храна. Дополнително се преземени сите неопходни мерки од епидемиолошки аспект за целосно утврдување на причината за настанатата состојба, стои во информацијата на ФФМ.
Лекарскиот тим во репрезентацијата постојано ја следи состојбата на сите вклучени во националниот тим и ги презема неопходните активности.
Македонија вечер од 20:45 часот во Скопје е домаќин на Лихтенштајн во 3.коло од Лигата на нации.