Денес во Република Македонија, после повеќе од дваесет години политички плурализам и промоција на либерално-демократските вредности, сé уште живееме во време кога политичката култура и понатаму е недоволно развиена. Што е уште потажно, не постои ни свест за посветување на поголемо внимание на важноста на политичката култура врз целокупното општествено живеење.
Ако се земе претходното во вид, поаѓајќи од теоретската рамка на Габриел Олмонд и Сидни Верба за типовите на политичка култура ќе се обидам, сосема на кратко, да ги детектирам одделните аспекти на политичката култура во македонската општествена реалност. Тоа би ми овозможило во извесна мера, да укажам на можните насоки за градење афирмативна политичка култура која што би водела кон дијалог, толеранција и почитување на другиот.
Политичката култура претставува една од фундаменталните компоненти на политичкиот систем во целина. Таа е мошне значајна бидејќи создава линк помеѓу политичките настани и однесувањата на поединиците кои што се појавуваат како резултат на овие настани. Сепак, дефинирањето на политичката култура како една од клучните варијабли што го детерминираат нивото на стабилност и развиеност на еден политички систем, само по себе, и не говори многу. Само, подеталната анализа на различнните типови и аспекти на политичката култура како и нивното влијание врз политичките процеси во рамките на политичкиот систем може да биде од фундаментална важност за едно опшетство во целина.
Постојат различни типови на дефиниции на политичката култура. Во суштина, политичката култура претставува целина, односно симбиоза на емпириски ставови, верувања и чувства кои даваат ред и значење на политичките процеси и коишто ги обезбедуваат основните претпоставки и правила што го регулираат однесувањето во еден политчки систем. Кога станува збор за типовите на политичка култура, политичките автори понудуваат различни типологии. Сепак, една од најопшто прифатените класификации е онаа на Олмонд и Верба кои разликуваат три типови на политичка кулутра: парохијална, поданичка и партиципативна. Притоа, во нивната класификација тие тргнуваат од три клучни параметри: поддршката што една власт ја има од страна на народот, довербата на индивидуите кон институците на системот, како и меѓусебната доверба (социјалниот капитал) и нивото на свест на граѓаните за влијанието што можат да го имаат врз политичките процеси.
Парохијалната политичка култура, анализирана низ призмата на подршка на членовите на заедницата кон институционалниот карактер на власта се манифестира со изразито слаба лојалност, којашто во својата најрадикална форма подразбира дури и несвесност на масите за постоењето на централно организираната власт и нејзините институции. Во овие општества доаѓа до израз нискиот степен на социјален капитал, односно високиот степен на недоверба на граѓаните, како кон иституциите на системот, така и во нивните меѓусебни релации. Членовите на општествата во коишто доминира парохијалната политичка култура воопшто не веруваат дека можат на било каков начин да влијаат врз политичките процеси.
Поданичкиот тип на политичка култура подразбира висок степен на подршка на власта. Граѓаните имаат респект кон политичкиот ситем и неговите институции, покажувајќи висок степен на лојалност пред сé кон државата (власта), а во извесна мера и кон сите други субјекти во политичкото живеење. Сепак, во општествата што се карактеризираат со поданичка политичка култура, граѓаните имаат мала доверба во можноста, со своето учество, да влијаат врз политичките процеси. Меѓу народните маси преовладува мислењето дека политиката е, исклучиво, раководена од страна на политичките елити кои самостојно ги донесуваат одлуките и врз кои е многу тешко да се влијае.
Партиципативната политичка култура, којашто е типична за западно европските развиени демократи се карактеризира со плурализм, активен однос кон општествената стварност, толеранција и рационален пристап во прифакањето и признавањето на легитимитетот на власта. Во овие држави, граѓаните имаат висок степен на доверба во институциите на системот и развиена свест, како за своите можности да влијаат врз политички процеси, така и за институционалните механизми што ги имаат на располагање за активно да влијаат врз политичкиот живот во општествената заедница во која егзистираат.
Поаѓајќи од претходно елаборираните кратки теоретски назнаки за политичката култура можеме да забелележеме дека во Република Македонија доминира поданичкиот тип на политичка култура. Претходната констатација можеме да ја поткрепиме со следниве аргументи.
Во Република Македонија постои висок степен на подршка на власта. Тоа се потврдува со фактот што изминативе шест години истата политичка опција победува на локалните, претседателските и парламентарните избори. Земајќи го во предвид фактот што суштинските проблеми како што се сиромаштијата, невработеноста и лошата економска состојба со коишто се соочуваат граѓаните на Република Македонија и натаму остануваат нерешлива енигма, сосема е јасно дека подршката кон постојната политичка елита на власт се темели врз популистичките методи коишто, засега, политичките елити на власт мошне успешно ги имплементираат во комуникацијата со граѓаните.
Граѓаните на Република Македонија, во голема мера, сметаат дека целокупниот политички живот во државата е детерминиран од моќта на политичките елити и нивните лидери. Во прилог на оваа констатација говори фактот што македонските граѓани, при донесувањето на одлуки поврзани со изборот на политички опци и акции поаѓаат од личностите, а не од програмите на политичките партии. Тоа значи дека харизматскиот тип на политички лидери сé уште претставува клучна детерминанта во реализирањето на политички живот во Република Македонија.
Граѓаните покажуваат висок степен на лојaлност кон државата и притоа во голем број случаи истата ја поистоветуваат со власта. Голем број од граѓаните на Република Македонија, лојалноста ја темелат врз нагласеното идентитетско чувство за национална и културна самобитност. Користејќи ја ваквата состојба, власта во изминатиот шестгодишен период креира еден нов социјален, политички, културен и вредносен идентитет втемелен врз амбивалетна генеза што делува збунувачки врз еден дел од македонските граѓани, а со самото тоа има негативни импликации врз социјалната кохезија на македонското општество.
Несомнено е дека Македонија е сеуште многу далеку од партиципативната политичка култура. Ова посебно доаѓа до израз во последниов период кога се соочуваме со драстичен пад на автономијата на медиумите, невладиниот сектор и високообразовните институции. Притоа, политичките елити на власт многу повеќе водат сметка за интересите на сопствената партија отколку за интересите на државата и граѓаните. Во тој контекст, тие често пати манипулираат со граѓаните за остварување на своите интереси, при што главната цел е останување на власт. Со самото тоа воопшто не се заинтересиран да развиваат партиципативна политичката култура затоа што таа ќе ги заагрози нивните интереси.
Почитувани, отсуството на политичката партиципативна култура резултира со некритичко мислење, поданички однос кон власта и отсуство на свест за суштински реформи. Едноставно кажано живееме во време кога се спроведуваат реформи без притоа да се има свест за промените, содржините и последиците кои што треба да произлезат од нив. На Република Македонија потребни и се радикални промени во сите сфери на општественото живеење со што би се создале предуслови за подобар живот на граѓаните, особено на младата популација. Согласно со ова, појдовната позиција за промена на општествената стварност нужно е условена од промените што треба настанат во самите нас.
Мартин Печијарески
Авторот е магистер на Централно- Европскиот Универзитет во Будимпешта