Во кривичниот суд во Скопје утрово продолжи судењето за изборни измами „Титаник“, на кое се преслушуваат дел од преостанатите над 600 необјавени бомби како докази на специјалното јавно обвинителство.
Во еден од разговорите од 19 март 2013 година може да се слушне како поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески разговара со директорка од детски дом каде што договараат како полнолетните деца од повеќе градови да гласаат за Груевски. Директорката вели дека има деца кои доколку им се плати патот ќе гласаат за Никола Груевски. Станува збор за 5 деца од домот во Скопје, 2 деца од Виница, 3 деца од Куманово и едно дете од домот од Гостивар.
Од останатите разговори исто така од 19 март може да се слушне како Јанакиески се распрашува за списоците со војници и затвореници како би го организирал гласањето.
Во случајот „Титаник“ обвинети се 20 лица за изборни измами, меѓу кои и врвот на ВМРО-ДПМНЕ: Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, Леко Ристовски. Првпат на обвинителна клупа ќе седне и Илија Димовски. СЈО бара на обвинетите да им се конфискува имот во вредност од 2,2 милиона евра.
Виктор Јованов