Од 85 испитаници матуранти Роми од Република Македонија 53 (63 отсто) планираат да го продолжат своето образование на додипломски студии на некои од универзитетите во Македонија, а 19 матуранти (22 отсто) одлучиле да не го продолжат своето образование.
Ова го покажува микроистражувањето „Ставови и мотиви на матурантите Роми за (не) продолжување на своето образование“ од Кенан Таир и Лебишка Селоска под менторство на Мануела Демир. Микроистражувањето е спроведено во рамки на проектот Ромаверзитас – Со поддршка за развој кон лични и колективни еднакви пристапи и можности. Проектот се спроведува од септември 2017 до август 2019 година, а е финансиран од Ромскиот образовен фонд од Будимпешта.
Проектниот менаџер од Ромаверзитас Силхан Саитов денеска изјави дека причини за непродолжување на образованието се: ниски семејни приходи, желба за вработување, заминување во странство, слаб училишен просек и немање лична желба за продолжување на образование. Главни мотиви за продолжување на образованието се можноста за идно вработување, стекнување знаење и вештини и можноста за градење кариера по дипломирањето.
Саитов нагласи дека овој проект ги постигнал своите цели за првата проектна година, опфатил 98 студенти Роми од повеќе градови низ државата, што е околу 60 отсто од вкупниот број на студенти согласно официјалните податоци од Државниот завод за статистика.
– Ние сме задоволни од тоа дека има квантитативни и квалитативни показатели дека унапредуваме позитивни трендови на број на запишани студенти во високо образование. Подобруваме стапка на премин од еден во друг семестар, подобруваме стапка на дипломирани Роми кои се запишуваат во високото овразование, поттикнуваме волонтеризам, активизам и иницијативи од самите студенти и млади Роми, рече Саитов.
Додаде дека нивната цел е да креираат критичка маса на добро едуцирани Роми кои ќе се застапуваат себе и својата заедница во Македонија.
Покрај оваа кратка анализа од волентери практиканти, подготвени се уште две анализи, за затворите и за предизвиците со кои се соочуваат пациентите Роми во Република Македонија.