Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, која овој јуни стана втората лидерка што роди бебе за време на својот мандат, стана хит на Генералното собрание на Обединетите Нации, каде што се појави со својата принова.
Ардерн ја поведе со себе тримесечната ќерка Нив на самитот посветен на Нелсон Мандела и на мирот, на кој имаше претставници на 130 држави.
Додека премиерката го држеше говорот, бебето беше во рацете на нејзиниот партнер Кларк Гејфорд. Таа инаку беше 67-от говорник, а веднаш потоа ја зеде ќеркичката в раце и ја бакна, со што ги освои симпатиите како на присутните, така и на јавноста.
Во исто време, Гејфорд на Твитер објави слика од бебето со значка на која пишува: „Првото бебе на Нов Зеланд”.
Освен Ардерн, пакистанската премиерка Беназир Буто е единствената која се породи додека беше на власт, во 1990 година.