Над 200 ученици, професори, членови на велосипедски клубови и голем број граѓани денеска се вклучија во велосипедско дефиле низ Кочани, за да го одбележат претстојниот 22 септември – Светски ден без автомобили.
Организатори на дефилето се спортскиот клуб „Тркало“ од ОУ „Раде Кратовче“, ОУ „Малина Попиванова“ како дел од веломрежата на Република Македонија, здружението „Екологик“, Швајцарската агенција за развој и соработка и Општина Кочани.
Од името на организацискиот одбор, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, ги повика граѓаните што повеќе да користат велосипеди наместо моторни возила, за да ја зачуваат животната средина, но и сопственото здравје.
– Во услови на се поголема загаденост на воздухот, проблеми со паркирањето на возилата и сообраќајниот хаос, повеќе од неопходно е почесто да ги користиме алтернативните превозни средства кои не ја загадуваат животната средина и придонесуваат за здрав живот. Факт е дека нашите улици урбанистички не се прилагодени за велосипедски патеки, поради што ние имаме задача во иднина, таму каде што можеме да корегираме, да изградиме или да прилагодиме, но и навреме да планираме патеки за новите улици. Така ќе придонесеме велосипедот да биде се помасовно превозно средства и во нашата општина, истакна Илијев.
Директорот на ОУ „Малина Попиванова“ Благој Петров, како организатор на настанот, информираше дека покрај велосипедското дефиле, во одбележувањето на „Неделата на мобилност“, се дистрибуираат летоци со пораки за користа од возењето велосипед, а во Трговскиот центар во Кочани учениците изработуваат цртежи преку кои се пренесуваат пораки за поздраво живеење без автомобили.