Четири проекти од јавниот повик за доделување финансиски средства за креирање иновативно системско и одржливо решение за обезбедување храна за ранливи категории граѓани „#ОброкЗаСите“ беа презентирани денеска во Фондот за иновации и технолошки развој.
Од нив, денеска или во наредните неколку дена ќе треба да биде избрано најдоброто или најдобрите решенија и да се преточат во систем, преку кој ќе се обезбедува храна за оваа категорија граѓани, односно ќе овозможи вишоците на храна од компаниите, големите маркети, угостителските објекти да се достават до нив.
– Околу 450 илјади луѓе имаат реална потреба од поддршка на државата за обезбедување на елементарни услови за живеење меѓудругото и храна. Целта на предизвикот „#ОброкЗаСите“ е преку заедничка соработка на невладините организации, компаниите и државните институции да дојдеме до иновативен модел кој ќе ги вклучи сите и кој на овие граѓани ќе им донесе она што им е потребно – храна, рече Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
Во Македонија, рече тој, постојат голем број иницијативи, а целта на „#ОброкЗаСите“ не е да се воведе решение паралелно на нив, туку да се создаде системска поддршка тие да порераснат во одржливо решение, дел од систем во државата.
Министерката министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, истакна дека потребата од воспоставување систем е резултат на согледувањата дека паушалните решенија не даваат резултати. Народните кујни на пример, рече таа, се скапи за одржување а опслужуваат мал број грраѓани.
– Целта е преку Фондот за иновации да се даде предлог кој ќе даде ефект и ќе овозможи искористување на финансиските средства од буџетот, вклучување на граѓанските организации, бизнис секоторот, но и на кориснициите кои имаат што да кажат за предизвиците со кои се соочуваат кога треба да обезбедат храна за себе и своите семејства, рече Царовска.
Комисијата која одлучува за изборот на најдобро решение е составена од претставници од Министерство за труд и социјална политика, „Македонска платформа против сиромаштија“, Хелшинскиот комитет за човекови права, Фондот за иновации и корисник на услуги.
Пријавени се проекти на Завод за испитување материјали и развој на нови технологии од Скопје, „Храна за сите“ – Банка за храна, Македонија“, „Ајде Македонија“ о ДАМА-ЕЛ Здруижение за деца со посебни потреби и Дневен центар Св. Кирил CHEF Вештини за живот.
Повикот траеше од март до мај годинава, а се однесуваше на сите микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што работат во доменот на социјалното претприемништво или имаат намера својата дејност да ја прошират на ова поле.
Вкупниот буџет за овој повик е два милиони денари. Ќе се финансираат 90 проценти од вредноста на проектот, а 10 проценти ќе треба да покрие самиот апликант.