Охридската полиција поднесе кривична пријава против две лица поради основано сомнение дека се сторителите на три провални кражби во верски објекти во охридскиот крај.
Според полициското соопштение, двете лица од кои едното од Прилеп, а другото од Штип, извршиле три кражби во црквата „Св.Тројца“ во селото Горенци, „Св.Недела“ во Оровник и „Св.Никола“ во Требеништа.
Тие со употреба на чекан, нож и шрафцигер ги обиле влезните врати и преку употреба на физичка сила насилно влегувале во црквите. Во црквата „Св.Никола“ во Требеништа, тие се качиле на скелето од јужната страна на црквата и преку прозорот се спуштиле во црквата од каде одзеле вкупно 200 денари оставени на иконите. Извршувајќи ги кражбите пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу илјада денари.
Станува збор за истите лица кои минатиот месец провалија и во црквата „Св.Петка“ во Струга, од каде одзеле 600 денари, три бакарни свеќници високи околу 1,3 метри, четири бакарни и три алуминиумски тепсии како и други поситни предмети.