Независниот академски синдикат (НАкС) ја поздравува одлуката на Владата за зголемување на платите во образованието, но реагира на тоа што таа важи само за основното и средното и не го опфаќа високото образование.
Овој синдикат бара од Владата веднаш да го зголеми буџетот наменет за платите на вработените во јавните високообразовни и научни установи и да најде начин за елиминирање или ублажување на, како што наведува, фрапантните разлики во платите меѓу професорите и истражувачите вработени на различни јавни високообразовни и научни установи, а особено на различни единици во нивниот состав.
– Со оваа реакција сакаме да го искажеме нашето со години напластувано незадоволство од висината на буџетските средства за исплата на платите во секторот високо образование и наука и да апелираме до Владата да направи анализи со кои ќе согледа дека примањата на вработените во некои од јавните универзитети, единици во нивниот состав и јавни научни установи години наназад се на срамно, понижувачко и супстандардно ниво, наведува НАкС во допис до медиумите.
Синдикатот е подготвен да понуди стручна помош при изнаоѓањето модалитети за справување со нееднаквоста која, додава во реакцијата, покрај социјалниот аспект, содржи елементи на неправедниост и креира тензии во секторот.